Недела на Православието

Гледајќи ја природата околу себе, човекот посакува макар за момент да биде нејзин составен дел, само малку да влезе во нејзините животни текови и да го врати назад толку посакуваниот животен здив на мирот и слободата. Човечката душа тежнее за чистиот и бистар живот на природата, тежнее и посакува да го поврати, но никако не може да го пронајде начинот, никако не може да ги отвори дверите на умот, кој е окован од разни земни животни обврски, кои не ѝ допуштаат да се рашири подалеку од телото и од она, што е врзано за телото. А природата, исполнета со живот и радост, смирено го живее својот живот, кој нејзиниот Творец ѝ го подарил. Човекот се обидува да ги промени тие природни текови и да ги прилагоди на својот неприроден начин на живеење, но секогаш останува разочаран. Секој пат, кога ќе се вплетка во природата, човекот го уништува животот во неа, не разбирајќи ги нејзините истенчени животни текови, кои повторно од почеток го обновуваат сето она, кое човекот го уништува. И така, човекот постанува вечен губитник во борбата со природата, зашто нејзиниот Творец – Бог ја обновува и повторно ја става пред луѓето, за тие да се опаметат и да дојдат до спознавање на Неговото присуство.

Нешто слично се случува и со човечката душа, во која, исто така, се наоѓа вечна животна сила, која од Бога е вдахната во неа. Но, и тука, исто така, човечкиот ум, кој не ги познава вредностите на душата, ја нарушува силата на животот и настојува да внеси промени во душата. Но, и тука секогаш останува разочаран, зашто секоја промена предизвикува рана на душата, која ја стеснува и присилува преку совеста да го предупредува човекот својот ум да го насочи кон Оној, Кој ја вдахнал во телото. Ако човечкиот ум не сака да ги слушни предупредувањата на совеста, тогаш душата видливо ги покажува своите рани на телото и човекот постанува болен.

Но, штом човекот ќе почне доброволно да ги извршува Божјите заповеди, тој ја отвора капијата од своето срца и својата душа, за во нив да се всели Божјата сила – благодатта, која му овозможува на всаденото семе од божествениот разум и вид да се развива, расти и цути до полнотата на христовиот раст.

Исполнувајќи ги Божјите заповеди, човекот во својата душа ги внесува благодатните Божји дарови, кои ја хранат и зајакнуваат душата и ја рашируваат животната сила низ целото тело. Тогаш телото постанува здраво, а душата радосна и полна со стремеж за својот Творец, од кого и потекнува. Исто така, и човечкиот ум постанува оплеменет со чувствата на душата, па повеќе не посакува да се простира по духовно празните настани и животни обврски од овој свет, туку и тој почнува да тежнее за Бога и кон она, каде што се чувствува божјото присуство. Во секое случување го бара Бога и Неговото присуство и постојано се моли на Бога да го охрабрува и поткрепува во искушенијата. Преку молитвата, човекот е сè поблиску до Бога, сè додека не се соедини со него и не се обожи.

Кога човекот ќе ги очисти својата душа и својот ум со молитвата, тогаш почнува да се труди таа состојба на Божјото присуство да ја рашири и на своето тело. Тогаш почнува телото да го скротува со постот, почнува да не го оптоварува и оземјува умот, кој е исполнет со мисли и тежнеења за Бога и така овозможува непречено простирање на душата по целото свое битие.

Токму денешното евангелско четиво ни покажува еден класичен пример на исполнување на Божјите заповеди и дејството на благодатните сили, кои бликале од Христос.

Откако апостолите Андреј, Петар и Филип доброволно тргнале по Христос, привлечени од истата благодатна сила, апостолот Филип, како и Андреј претходно, посакал да го приведе и својот брат Натанаил кон Христа. Со таа цел, тој заминал кај својот брат и под смоквата му рекол: „Го најдовме Оној за Кого пишуваше Мојсеј во Законот и Пророците – Исус , синот Јосифов од Назарет!“.

Познавајќи го карактерот на својот брат за апсолутно почитување и исполнување на вистината, Филип му ги цитира зборовите од Законот и Пророците. Но, ни тоа не било доволно да го убеди Натанаил, кој му одговорил: „Може ли нешто добро да излезе од Назарет?“ Бидејќи го почувствувал дејството на благодатната сила Христова, Филип му предложил на својот брат: „Дојди и види!“, а Натанаил веднаш тргнал да се убеди во зборовите и восхитеноста на Филип. Кога Христос ги видел браќата дека доаѓаат, им се обратил на Петар и Андреј со зборовите: „Еве вистински Израилец, во кого нема лукавство!“

Гледајќи со Своето божествено око во секој агол од душата и животот на Натанаил, Спасителот искажува сведоштво, со што го изненадил Натанаил, но и останатите апостоли, кои биле собрани околу Него.

Соземајќи се од првиот момент на изненадување, Натанаил му поставува прашање на Спасителот: „Од каде ме познаваш?“ Со ова прашање, Натанаил го потврдува христовото сведоштво искажано за него. Тој не обрнал внимание на Христовата пофалба, туку ја барал вистината. И добива одговор, кој најмалку го очекувал: „Уште пред да те повика Филип, кога беше под смоквата, Јас те видов“. Овој одговор ги отворил очите на неговата душа и тој изговорил зборови, кои може да ги изговори само чиста душа и ум просветен од божјата благодат: „Рави! Ти си Син Божји, Ти си Царот на Израил!“

Токму овде треба да забележиме, колку е неизмерно дејството на Божјата сила – благодатта, како се преобразува човечката душа кога таа ќе ја посети, како се обновува првобитниот и првосоздадениот лик на човечката душа, кога благодатната сила ќе го разбуди никулецот на божествениот разум и вид во него.

Затоа, да се потрудиме и ние непречен влез на благодатната сила во своите души, да се потрудиме со нашиот живот според Бога и со Бога, како и апостолот Натанаил, да доживееме преобразба на своите души и да доживееме божјо присуство во своите души и срца.

Да не дозволуваме со минливи и лажни земни чувства и обврски да ни ја оковаат и заробуваат душата, туку со молитва да ги управуваме своите душевни сили кон Бога, да го скротуваме своето тело со постот, и исполнувајќи ги Божјите заповеди, цврсто да стоиме на тесната патека на христијанските добродетели и љубовта кон Бога и ближните, зашто оние, кои ги извршуваат нив, ги одведуваат во тивкото пристаниште, кое Бог го приготвил  за Оние, кои Го љубат.

Зад нас е првата седмица од Великиот четириесетдневен пост, зад нас е времето во кое преку доброволно воздржување, ги отворивме капиите од нашите души и срца за влез на Божјата сила – благодтта. Оние, кои се подготвиле за светата Тајна Причест и кои денес ќе се причестат, ќе ја примат таа благодатна сила и ќе дојдат до спознавање на божествената слобода и мирот во душата. Благодатта ќе расти во нас онолку, колку што ние од наша страна ќе вложиме напори да ја задржиме. Благодатта ќе биде посилна и помоќна, ако во светата Тајна Исповед, преку свештеникот, сме ги кажале сите свои гревови и ако искрено и целосно сме се покајале за нив и ако се трудиме да не ги повторуваме. Блажени се оние, кои со својот живот и евангелските добродетели – молитвата и постот, во минатата седмица ги очистиле своите души и тела и кои денес достојно ја примаат светата Причест, па чувствуваат мир и слобода во своите души.

А пред нас е и следната седмица од Великиот пост, која ги задржува истите правила, како и претходната, во поглед на воздржливоста.

Накусо да се потсетиме дека денес ја прославуваме и Неделата на Православието. Уште од самиот свој почеток, Црквата имала многу непријатели, кои против неа се бореле со оган и меч, со насилство и пари, со војни и мастило, со пропаганда и книга, почнувајќи од Израилците, многубошците и безбожниците од римското доба, па сè до современите атеисти. Луѓето постојано се обидувале да ја замаглат црквата со своите ограничени идеи, мисли, умувања и заблуди. Но, и покрај сето тоа, од маглите на човечките заблуди Црквата секогаш излегувала чиста, како сонцето кога излегува од зад облаците, па и понатака сите ги осветлувала, греејќи ги нивните срца и души.

На денешен ден во 843 година, во времето на благочестивата царица Теодора и нејзиниот син Михаил, а според одлуката на Отците од Седмиот Вселенски собор, прославена е победата на црквата над еретиците иконоборци. Низ 120-годишниот прогон, милиони жртви паднале за доказ на вистината на иконопочитувањето и уривањето на идолопоклоничката ерес, која еретиците ја измислиле во своите груби и оземјени умови.

Кога Христос дојде во светот, он постана видлив за сите луѓе. И гледајќи Го Него, ние Го гледаме Живиот Бог. Он е живиот Божји Лик во светот, икона Божја во светот. И бранејќи ја таа жива Божја икона во овој свет, Православната Црква го одбранила човекот, или поточно, го одбранила човекот во Христа. Он, Бог, постана човек, за во нас, луѓето, да ја пронајде Божјата икона, живата божја икона, која ние сме ја затрупале со гревови и страсти, сме ја унакажиле, сме ја изгребале со својот порочен живот.

Затоа, оваа Недела на Православието за нас е еден вид на духовна смотра за сите членови на Православната црква. Ова е ден, кога секој од нас треба да се запраша: Што допринесов јас со својот живот и дело, со зборови, со труд, со присуство на богослужбите, со ширење на Господовиот збор, со милосрдноста, во својот духовен раст и во прославувањето на божјото име во овој свет?

Нека Троичниот Бог секогаш ни биде на помош и нека ни дава сили да бидеме негови вистински следбеници во векови. Амин!

Автор: протоереј Златко Ангелески

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи