За кариерата на Џафер и неговата последна песна „Џоле бре гол“


„Џоле бре гол“ – тоа е причината Македонскиот музички регистар овој пат да направи интервју со нашиот Џафер, „дечкото“ со брилијантен вокал, неуморниот перфекционист, човекот кој слуша и креира музика, кој остави траен белег на македонската музичка сцена, кој творечки ужива во секој ден од својот живот. Доволно беше да го побараме и да го прашаме, дали ќе биде расположен накусо да ни одговори на неколку прашања, а одговорите стигнаа во најбрз можен рок.

 

Извор: Македонски музички регистар

Пред да ни раскажете за Вашата нова песна „Џоле бре гол“, Регистарот посакува да нѐ потсетите на Вашите музички почетоци. Накусо, каде и како  ја започнавте Вашата музичка кариера?

Почнав веднаш на МРТВ. Имаше младинска емисија „И Вие со нас“. Пеев кавер со македонски текст: „Is this the way to Amarello“, некаде 1970 година, веројатно !?

Дали Џафер стана познат за македонската рок публика преку „Автограм“ или постарата генерација Ве памети уште пред тоа, како тапанар на „Леб и сол“ или како вокал во „Bek Orchestra“, „Солзи“, „Бангла Деш“, „Разбој“…?

Почнав со груата „Солзи“, со свирки по гимназии и културни домови. „Бангла Деш“ веќе правеше концерти низ Македонија. Имавме по 17-18 години. Тапани свирев во групата „Мост“. Свиревме и надвор од Македонија (кавери). Потоа се смени бендот и со мене беа: Зорица Поп Панкова вокал, Нонте на гитара, Коко на клавир, Владо на бас, Панта на оргули, а јас тапан и пеев. Потоа, 1976 година ја снимивме со Мате и Аљоша песната „Насмевка”. Тоа беше со групата „Разбој“. И денес песната звучи свежо, особено солото на Мате, за мене најдобар блузер на Балканот. Скопје треба споменик да му дигне. Следи групата „Леб и Сол“ во 1977 година. Настапивме во Суботица во состав: Влатко, Бодан, Коко, Чочор и јас како вокал. Се виде одма колку отскокнуваме од останатите ЈУ групи. „Парче“ направивме, летаа палта во спортската сала, дилириум. После војска се случи „Автограм“. А она со Bek Orchestra е неиздадено. Јас отидов по покана во Белград, снимивме, но не излезе албумот. Меѓу другите беше и песната „Ој Јано, Јано“ на Триангл. И така…

„Автограм“ е прв шампион во 1981 година на „Рок фест“, кој се одржа на стадионот во Кавадарци. Морам да истакнам, бевме моќна блуз-рок група, која остави печат. Требаше и албум да снимиме како шампиони, но наидовме на бариера од тогашната етаблирана и бирократско-незаинтересирана македонска продукција, која требаше да ни овозможи да снимаме за ПГП РТБ. Ама, како и за многу други групи, „не откачија“. Потоа, самостојно го пративме својот материјал во ПГП РТБ и за прекрасно чудо, нѐ побара главниот уредник Оливер Мандиќ да каже дека ова е „нечувено“. Ја снимивме „Одам на југ“ на српски. По настапот „Скопје, волимо те“, Оливер го сменија и „Автограм“ остана македонска група. Но, беше идол на многу ЈУ групи, како „Аеродром“ и „Екатерина Велика“, кои кажаа дека „Автограм“ се нивна инспирација.

Познато е дека Џафер потекнува од музичко семејство. Како се случи спојот на музиката со правните науки?

Никогаш не би учел факултет. Кај нас педагогијата е демагогија. Па, гледај колку криминалци и корумпирани има од правна и економска фела!!? Се вратив од странство, каде свирев, само за да ги воздигнеме децата со сопругата. Во тоа успеавме и горд сум на тоа. Јас сум еден од првите рокери, кој мораше да дипломира на Правниот факултет. Мораат сиромашните да дипломираат, но ситуираните „со мала помош“, дипломираат за високи функции и упропастување на државата и народот, сѐ заради нивниот егоизам.

И покрај работата во Царинската управа на Македонија, Џафер никогаш не ја остави музиката. Како се случи еден рокер да се појави на најпознатиот фестивал на забавна музика „Макфест“ во 1993 година?

Ако не се вработев во Царина, сигурно и јас ќе ја напуштев Македонија. Ми помогна Војо Стојановски. Тој беше претседател, а јас потпретседател на „Здружение на естрада“. Царината треба да е имиџ на државата, а кај нас тоа е партиска „маша“. Ги дели вработените на свои и туѓи. Тешка и одговорна е царинската служба. Секој момент ти се заканува дисциплинска одговорност со скратување од плата. Јас куртулив. Еден од ретките, неказнет. Може ќе се сетат и дека бев лојален кон државата, иако има „местенки“. Малку снимав во тоа време.

На овој „Макфест“ ја исполнивте безвременската „Сонце за три светови“, чии автори се Винко Мишковски и Ристо Самарџиев. Не само што оваа песна стана евергрин, туку и ден-денес не изгуби од својата популарност. Накусо, раскажете ни за спомените за Вашиот прв настап на „Макфест“ и како се случи токму Вие да ја исполните оваа песна?

За „Сонце за три светови“ сум раскажувал, а и сега на ТВ зборував. Песната имаше среќен спој. Покрај ние тројцата, Тоше Поп Симонов ја направи да звучи како треба, без него не би била безвременски хит. Инаку, авторот Винко Мишковски беше во тоа време член на „Автограм“. По негов предлог и билатерален договор, како и што ќе правиме, се закопавме три дена и ноќи, потемнети од работа и ете ти „Сонце за три светови“. Песната беше шесто место на „Макфест“. Но, потоа хит меѓу фестивалите и тн…

Освен како ненадминат вокал, македонската музичка јавност знае дека бевте и придружен вокал на „Легенда“, „Дарио & Миг 21“, „Куку леле“, а на некои музички изданија се појавувате и како продуцент. Како Џафер се снајде во продуцентската улога?

Бев продуцент на два Поп-рок фестивали, на пејачи и групи. Горд сум и среќен со албумот на групата „Санаториум“ – „Без разум и свест“. Тоа е наша најуспешна спид-метал група. Испеав многу придружни вокали кај пријатели (машки и женски). Пеев придружни вокали и на албумот на Рамиз Јусуфи – Цики. Таму текстовите се мои. Се сеќавате на песната „Во кого си вљубена“? Хит од тоа време!

Потврдата за Вашиот траен музички печат, кој го оставивте за македонската рок и поп музика, дојде и со наградата за трајни музички вредности, доделена во 2019 година на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“. Какво е чувството кога постанувате свесен дека оставате трајни музички вредности за идните генерации?

Мене како признание за трајна вредност „Бубамара“ ми е трета по ред. Претходно, 1995 година на МРТВ ми е прва, а втора е „Марс“ во 2015 година. Награда е материјално добро, а ова е признание. Не знам зошто го викаат награда!? Мене овие признанија ми се поттик. Додека имаш нешто во себе си, креираш независно од награди и признанија.

Музичката фела за Вас знае дека сте перфекционист во работата. Бендот за Вас е институција. Тешко ли е да се соработува со Џафер или тоа претставува вистинско уживање и задоволство за Вашите колеги?

Многу добро прашање. Живееме во македонска стварност. Што сакаме од музиката? Да биде перфектна, европска, светска или сакаме само да се појавиме за да нѐ видат комшиите!? Сѐ уште кај нас владее суета. Веројатно тоа е производ на стандардот на свеста кај луѓето, но и на нивниот џеб. Уживам додека креирам и снимам. Кога ќе успеам да ја направам песната како што треба, ја препуштам како бебе во јасли. Можеби ќе ја слушнам по подолго време, но јас не ја слушам песната како публика. Повеќе е тоа аналитика.

Македонскиот музички регистар пред некој ден ја евидентира Вашата најнова нумера – „Џоле бре гол“. Прво, да Ве прашаме, кој е Џоле?

Џоле е секое момче кое ќе пукне од мака зошто државата прави дискриминација помеѓу младите од внатрешноста и метрополата. Ама, некои имаат среќа, други не! Јас бев Џоле, кој во време на југословенската федерација немаше шанси да се појави во јавност. Едноставно, хегемонијата на две републики со дискографски куќи ги газеа останатите републики. Причината е јасна. Различен јазик. Ќе испееш еден егзотик песна и толку. Ако не си дел од тамошното живеење, далеку си бре брате!

Секој трет во Тиквешијата е Џоле, а од мај месец е полугол! Чак Бери пее за момче во Луизијана и пее дијалект, само не забележуваме. Цел свет пее свој мајчин дијалект, а ние слушаме англиски или американски: Битлси, Стоунси, Лед Цепелин и тн…

Како дојдовте до идеја токму Џоле да биде опеан на музика од Chuck Berry?

Чак Бери е најсакан од сите музичари. Тој е Моцарт во рокенролот.

Кој е автор на текстот на овој „кавадаречко-тиквешки“ хит?

Текстот е мој, со мала помош на моите кавадаречки пријатели. Го проучував тиквешко-мариовскиот изговор. Убаво е да се пее и на други дијалекти: кумановски, тетовски…

Дали „Џоле“ значи дека Џафер почесто ќе го слушаме во македонскиот етер и дали за брзо ќе има нови музички остварувања?

ДА! Би сакал да сум постојано присутен и активен колку дозволува стварноста. Во пандемијата изработив повеќе песни. За да ги снимаш, треба финансии, а да се сликаш на спот мораш да мислиш кој ќе се смилува и да ја намениш за потреби. Така е кај нас. Нема шоубиз. Сега за сега!

Има ли Џафер „Рок на траење“ и дали сега, како пензионер, имате повеќе време за музика?

Немам време за пензионирање. Вежбам фитнес, скијам, рибарам, а требе да правам бенд кој ќе ги одсвири Лед Цепелин, Дип Парпл, Чикаго Тразит и Хендрикс. Кој пензионер го може тоа!? Затоа, не чувствувам дека сум го фатил обрачот од баскет. Така ми изгледа како да немам 200 години, ама имам, во музиката!

Искрено Ви благодариме за одвоеното време. Регистарот очекува Ваши нови нумери за евидентирање, а македонската рок и поп сцена збогатување на дискографијата. Ви посакуваме добро здравје и творечко исполнети пензионерски дни!

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи