Премиерот Димитар Ковачевски заедно со министерот за економија Крешник Бектеши остварија средба со раководството и вработените во производните капацитети на нашиот национален бренд „Витаминка“ од Прилеп со традиција од над 60 години постоење.
Премиерот Ковачевски по обиколката на производството истакна дека и во услови на криза Владата ги поддржува компаниите кои се охрабрени да инвестираат и да придонесуваат во развојот на севкупната економија.
„Оваа реномирана компанија ги користи придобивките на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, како и на владината мерка за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти во пост КОВИД периодот. По основа на оваа мерка речиси 400 компании, добија вкупна финансиска поддршка во износ од 17,2 милиони евра. „Витаминка“ е компанија која вложува во нови вработувања, реализира капитални инвестиции, ја зголемува конкурентноста и освојува нови пазари. Токму затоа и ги исполнува условите за користење на средства овозможени со Законот за финансиска поддршка за инвестициите преку кој пак поддршка добија повеќе од 350 компании во земјата. Петгодишниот инвестициски проект на „Витаминка“ треба да се реализира до крајот на годината. Досега се инвестирани 419 милиони денари, а согласно планот, инвестицијата ќе достигне 702 милиони денари. До овој момент исплатената државна помош изнесува 68 милиони денари. Со Планот за економски раст, кој е во функција токму преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции и Среднорочната програма за поддршка на микро, мали и средни компании на Фондот за иновации и технолошки развој, само во 2021 година, македонското стопанство е подржано со 48,5 милиони евра“, изјави Ковачевски и потсети дека беа донесени и имплементирани шест пакети антикризни мерки, кои се проценети на вредност од околу 1,2 милијарди евра, за спас на работните места и одржување на ликвидноста на компаниите.
Ковачевски додаде дека поддршката за стопанството и граѓаните продолжува и во период на пост пандемија со пакет мерки во вредност од 400 милиони евра.
„Во услови кога цените за горивата на светските берзи секојдневно растат, преку намалувањето на ДДВ-то и на акцизите ги избегнавме ценовните шокови, и ние денес имаме најевтини горива во регионот што е особено добредојдено и за граѓаните и за компаниите. Намаленото ДДВ за основни производи на 0% како и замрзнувањето на маржите овозможи цените на овие производи да не пораснат наднормално со што животниот стандард на граѓаните е заштитен, а потрошувачката кошничка пополна“, додаде Ковачевски.
Владата продолжува да ги поддржува компаниите и граѓаните, за таа цел воведени се и ваучери во вкупна вредност од 3.000 денари за 35.000 граѓани од најранливите категории, минималната плата е зголемена на 18.000 денари, а пензиите доживеаја историски највисок раст.
„Во услови на пандемија, Владата континуирано издвојуваше дополнителни средства за поддршка на компаниите и зачувување на ликвидноста. Беа донесени и имплементирани шест пакети антикризни мерки, кои се проценети на вредност од околу 1,2 милијарди евра. Со оваа ефикасна антикризна стратегија која беше признаена и од меѓународните институции како Меѓународниот монетарен фонд, беа сочувани над 60.000 работни места и беа поддржани над 20.000 компании“, рече премиерот Ковачевски во Прилеп.
Ковачевски изјави дека тој и тимот во Владата преземаат повеќе одговорни мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните во време кога земјите од Европа се соочуваат со економските последици од здравствената и енергетската криза.
„Продолжуваме да субвенционираме дури 80% од висината на сметките за струја за домаќинствата, а со Програмата за енергетска сиромаштија, 6.500 домаќинства со ниски приходи ќе продолжат да добиваат дополнително намалени сметки за електрична енергија, како и 35 семејства, кои се исто така од ранливи категории“, подвлече Ковачевски, додавајќи дека се овозможи продолжување на Програмата за покривање на трошоците за енергија и огрев.
Ковачевски посочи дека во насока на обезбедување финансиска помош за најранливите категории граѓани, се и мерките за покачување на пензиите и покачувањето на најниските примања, кои опфаќаат 35.000 граѓани, во година која не е изборна и истакна дека во изминатите 20 години во државата, минималните плати и пензиите се зголемуваа само во изборни години. Додаде дека со сите мерки и работа, Владата ја потврдува определбата за одговорно владеење и вложување на буџетот токму онаму каде е најпотребно, за поддршка на економијата, вработените и животниот стандард на граѓаните.