ВИДЕО – Ковачевски: Делницата Фариш-Дреново од експресниот пат Прилеп-Градско ќе биде готова идната година


Премиерот Димитар Ковачевски со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми извршија увид во изградба на експресен пат Градско – Прилеп, на втора фаза на потегот Фариш –Дреново.

„Една од поважните меѓународни рути која што поминува низ земјата и го поврзува регионот со останатиот дел на Европа е Коридорот 10 и токму затоа со министерот Бочварски и директорот на ЈПДП Рустеми извршивме увид во градежните работи на делницата Дреново – Фариш. За изградба на втората делница од Дреново до Фариш, која е со должина од 10,2 км, издвоени се 33,6 милиони евра со поддршка на Европската банка за обнова и развој. Изградбата на експресниот пат Градско – Прилеп е поделена на три делници: Првата делница е Градско – Дреново каде што исто така се одвиваат градежни работи. Втората делница е Дреново – Фариш каде што сме денеска на увид. Третата делница е проширување на патна делница од Прилеп до мост на Ленишка Река и изградба на трета лента на патната делница од с. Беловодица до Каменолом Маврово, за што е во тек подготовка на тендерска постапка. Во овој наш регион продолжуваме со повеќе проекти. Еден од нив и многу значаен ќе биде изградбата на автопатот Прилеп–Битола, кој треба да го гради Конзорциумот „Бехтел и Енка“. Впрочем, овој експресен пат Градско – Прилеп ќе се надоврзе на автопатот Прилеп – Битола, а со рехабилитацијата на магистралниот пат Битола – граничен премин ќе се поврземе брзо и безбедно со Република Грција”, истакна Ковачевски.

Ковачевски додаде дека инвестициите во патната инфраструктура биле еден од приоритетите на оваа Влада. Според Ковачевски од почетокот на мандатот, оваа Влада изградила и реконструирала над 1.000 км патишта.

„Конкретно на оваа делница каде што сме во моментот, работите се очекува да завршат следната година. Верувам дека доколку се продолжи со вакво темпо оваа фаза ќе биде завршена и пред рок, што значи дека граѓаните коишто интензивно го користат овој патен правец ќе го скратат времето на патување, а ќе возат по сигурна и безбедна делница. Инаку, на само десет километри растојание во овој појас се градат два тунели, 21 мост, 5 подвозници, 11 потпорни ѕидови, еден кружен тек на локалниот пат со клучка кај Дреново и еден вијадукт, што говори за каков тешко пристапен терен станува збор. Во моментов се наоѓаме кај тунелот Фариш кој е лоциран на почетокот на Фаришката клисура е еден од покарактеристичните објекти и најтешкиот дел од трасата. Тунелот на чие што пробивање во моментов се работи е составен од две цевки, и тоа лев тунел, во правец кон Прилеп со должина од 139 метри и десен тунел, кон Градско со должина од 159 метри“, додаде Ковачевски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи