ВИДЕО – СНК „Врело“ со испитување на примероци на водата од пештерата на Матка го одбележа Светскиот ден на водите


По повод Светскиот ден на водите, кој оваа година е посветен на подземните води, СНК „Врело“ зеде активно учество во неговото одбележување со земање на примероци од водата во пештерата Врело на Матка и со еко акција. Целите на ова одбележување се да се покаже како подземната вода може да се користи за секојдневна употреба, како да се заштитат околините каде има подземна вода од отпад и како да се промовираат подземните извори на вода кои се огромен природен потенцијал, најчесто неискористен, за местата каде има недостаток на вода за пиење.

Земавме примероци на водата од подземната пештера „Врело“. Ги дадовме до официцијална лабораторија на Македонија при Универзитетот, резултатите стигнаа вчера и согласно резултатите таа вода може да се користи за секојдневна употреба како вода за пиење. Дополнително денеска за да го означиме Денот на водите дојдовме тука со цел да направиме еко акција со цел да се исчисти отпадот кој е насобран на влезот од пештерата и во самата пештера“, потенцираше Слободанка Јакимовска, спелеонуркач од клуб „Врело“.

Оваа акција беше поддржана и од Спелеолошката федерација на Македонија од каде истакнаа дека овие извори на подземни води се нашата иднина и истите треба добро да се чуваат и заштитат. Истакнаа и тоа дека овој тим „Врело“ е единствениот ваков обучен тим кај нас кој може да изведува вакви ризични акции.

Овој тим кој што е составен од високо професионални спелеонуркачи, нуркачи кои со ова се занимаваат повеќе од 20 години, нуркачи кои влегуваат во тешко пристапни места, каде што е потребна преголема психофизичка подготвеност и голема концентрација. Станува збор за единствениот тим во Македонија кој што го имаме за истражување во одделот за придонесување за науката и секако доколку има потреба се вклучува директно во спасителни акции“, изјави Дарко Неданоски, претседател на Спелеолошка федерација на Македонија.

Од Спелеолошката федерација велат дека ќе продолжат со испитување и заштита и на други наши подземни извори. Минатата година за прв пат наш спелеонуркачки тим посети дел од пештерата „Изворот на Бабуна“ која се наоѓа во срцето на Солунска Глава на околу 1.400 метри надморка височина, кој се смета за еден од нашите најголеми подземни басени со вода.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи