Тензична ситуација, кавги и асистенција на полицијата во прилепското село Галичани кога Драган Иваноски, жител на ова село, денеска одлучил со извршител да ја спроведи судската пресуда донесена уште во 2012 година и да започне да си ја враќа во свое владение асфалтираната улица, која е изградена на негов имот. 10 години се обидувал со Општината да постигне некаков договор, како компензација за ова земјиште да му се додели друго општинско, но немало слух.
„Баравме да се одложи копањето, извршителката ни излезе во пресрет. Ни помогна. Ние до последниот ден баравме договор, и еве ако тие ова ми го платија евро, јас од другата страна на куќата земјиштето ќе му го платев 2 евра. Но Општина Прилеп немаше слух, ми побараја имотен лист пред копањево, го извадив и отидов во Општина не ме ни примија“, истакна Драган Иваноски, сопственик на имотот.
„Општината вели дека покрај овој пат поминувал друг паралелен пат и Општината била подготвена веднаш да пушти друг пат. А чоеков му бараше колку што има тука квадрати, да му дадат од другава страна општинско земјиште, но Општината рече не можи“, кажа Сашо Печијарески, жител на село Галичани.
Жители пак кои живеат на долниот крај од селото се крајно револтирании на ваквиот чекор. Велат дека никој не ги известил за ова и сега дел од нив поради прекопаната улица не можат да излезат со автомобилите од своите домови, а други пак не можат да си отидат дома. Ова е единствениот пат за овој дел од селото.
„А таму има куќи, има викендици, таму живеат луѓе со мали деца, сите ниви од селото се на овој дел, гробиштата се таму, црквата, не дај Боже сега да треба интервенција на пожарна иили Итна Помош како ќе стигнат таму. Ова е единствен влез и излез за долниот дел на селото. Ако има некое старо решение за ова тоа може и да се поништи и да се донеси ново“,Ивица Котески, сопственик на викендица во Галичани.
„Овој пат постои од дедо и прадедо, а асфалтиран е пред 10-тина години. Како постоечки пат да ископаш, а друг да не направиш, да отсечиш едно село, за ова мислам дека некој треба да одговара“, рече Дарко Јосифоски, жител на село Галичани.
Од Општина Прилеп потврдуваат дека Иваноски е сопственик на имотот и дека во најбрз можен рок ќе се обиделе да изградат нов пристапен пат. Погодените жители пак со автомобили го блокираа копањето на патот и велат дека ангажирале и адвокати, додека пак сопственикот Иваноски вели дека по секоја цена ќе ја спроведи судската пресуда.