Нема одлука за испраќање припадници на Армијата во источниот блок на НАТО, изјави денес министерката за одбрана Славјанка Петровска.
„Република Северна Македонија, која е членка на НАТО, е подготвена да го сподели товарот со останатите, но до овој момент немаме донесено конкретна одлука за тоа. Доколку донесеме, јавноста ќе биде информирана“, изјави Петровска по одбележувањето на 30-годишнината од формирањето на Армијата.
Како што појасни министерката, доколку биде донесена одлука за испраќање на наши војници во источниот блок на НАТО, македонската Армија има исклучително обучени и релативно добро опремени припадници кои можат да одговорат на дадените предизвици. Тие би биле распоредени на соодветни места согласно стратегиите и развојните планови на НАТО.