Утрово околу 8 часот и 50 минути се запали шлепер од марката „Мерцедес Актрос“, со битолски регистарски таблици во делот на приколката, на патот Прилеп-Градско, кај месноста Заполшки мост, во близина на излезот од Прилеп. Возачот на товарното возило забележал дека пожарот започнал во движење кај едно од тркалата во задниот дел од приколката.
Веднаш го стопирал возилото и започнал да го гасне огнот со ПП апарат, а на помош пристигнале и други возачи кои кога виделе што се случува застанале на местото на несреќата и со своите против пожарни апарати се приклучиле во гаснењето.
За многу кратко време пристигнала и екипата на ТППЕ Прилеп, со едно возило и тројца пожарникари, кои за многу кратко време го изгаснале огнот и спречиле да дојде до поголема штета на возилото.
„Имавме приијава во ТППЕ Прилеп за настанат пожар на товарно моторно возило влекач, натоварен со млеко во тетрапак, околу 20-21 тон. Беше запалено во пределот на приколката, на десната страна гореа гуми од тркалата. За кратко време пожарот беше ставен под контрола со употреба на линии со вода и средна пена“, истакна Јосе Јорданоски, раководител на смена, командир на одделение.
Поради несреќата патот Прилеп-Градско беше во прекин околу половина час во двата правци, но потоа сообраќајот за кратко време се регулираше. Увид на лице место извршија и полициски службеници од ОВР Прилеп.