Јанески: Додека бев директор додатокот за бенифициран стаж беше исплатен до денар на сите на кои им следуваше, никого не сум притискал да се откаже од некое свое право


Кога бев поставен за директор на ЈКП „Водовод и Канализација“ – Прилеп, 5 или 6 работници на претпријатието земаа додаток на плата заради бенифиции претежно од „Одделението Канализација“. Оваа бројка за периодот додека бев директор се зголеми со уште неколкумина, повторно од „Одделението Канализација“, бидејки ставот на раководството на претпријатието беше дека овие вработени имаат дополнителни ризици при работењето, работат со фекалии и други штетни материјали, истакнува во својата реакција поранешниот директор на ЈКП „Водовод и Канализација“ – Прилеп, Емил Јанески, откако неговото име беше споменато во соопштение на партијата Левица,од каде истакнаа дека на вработените од ова јавно претпријатие им се даваат да потпишат скандалозни изјави за откажување од бенефициираниот стаж.

 

Реакцијата на Јанески ја објавуваме во целост.

„За целиот период додека јас бев директор на ЈКП „Водовод и Канализација“ – Прилеп на секој вработен за кој што раководството имаше став дека му следува додаток заради бенифиции и бенифициран стаж редовно му беше исплатен додатокот до последен денар, без никакво задоцнување.

Доколку други вработени во ЈКП „Водовод и Канализација“ сметаат дека им следува додаток, а претпријатието не му го исплаќа, секако дека треба да го искористат секој правен лек за да го остварат своето право.

Додека јас бев директор никој од вработените ниту официјално побарал, ниту пак го тужел претпријатието затоа што некое право му било ускратено. Мене никогаш не ми паднало на памет да ги принудувам вработените со потпишување на изјави или на било кој друг начин да ги притискам да се откажат од некое свое право загарантирано со закон.

И сега ги поттикнувам да се борат за сите права за кои сметаат дека со закон им се гарантирани. Додека јас бев директор ваков додаток за вработените беше исплаќан, а редовно беше исплаќан и додаток за прекувремена работа, ноќна работа, работа во викенд, К15 и новогодишна награда.

И покрај сето тоа претпријатието беше финансиски ликвидно, а стана и технички најопремено претпријатие на Балканот. Оттука сметам дека е крајно некоректно и тенденциозно моето име да се поврзува со скратувањето на некое право на работниците, особено после шест месеци од моето заминување“, вели Јанески.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи