Во петокот вечерта, на 1 април, непознат сторител нелегално исекол 10-тина багремови дрвја во црквата Свети Никола во прилепското село Дабница. Револтирани жители испратија фотографии до нашата редакција од овој масакр. Велат дека не е прв пат да се уништува и краде црковниот имот, а сега редот му дошол и на дрвјата.
„Дрвјата се исечени во петокот вечерта, а уништувањето го забележавме утрината во саботата. Некои од дрвјата беа стари и по 20 години. За крадците нема повеќе ништо свето, ова не е прв пат да се уништува црковниот имот. Во последниве 5 години скоро секоја година се случува по една голема кражба, а ниту една досега не е разрешена, ниту е пронајден сторителот. Сега редот дојде и на црковните дрвја. Дрвјата служеа и како ограда на самиот црковен комплекс. Загрижени сме за нашиот имот, масовно се краде и по викендици и во куќите во селото, но засега не гледаме голема активност на надлежните. Бараме итно поголема помош од државата и разрешување на овие случаи“, велат револтираните жители.
180