ССМ на првомајски протест за линеарно зголемување на платите

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) одлучи наместо марш, на 1 Мај да организира масовен протест со кој ќе се изрази револт од незголемување на останатите плати со порастот на минималната плата, која од овој месец се зголемува од 15.200 на 18.000 денари.

„Место за празнување, ние се одлучивме за протест. На тој начин сакаме да го изразиме нашиот револт во однос на обезвреднување на трудот на работникот. Новите податоци, врз основа на официјалните бројки од Државниот завод за статистика, покажуваат дека минималната синдикална кошница во март иознесува 36.786 денари. Во јануари, таа беше 35.811 денари. Значи, од почетокот на годинава, на едно четиричлено семејство му се потребни дури 975 денари повеќе за опстанок. И тоа, овој износ е пресметан со претпоставка дека семејството нема автомобил, а речиси и да нема семејство без автомобил. Дали во вакви услови е нефер тоа што бараме зголемување на сите плати по 2.806 денари, колкав што е растот на минималната плата? – праша претеседателот на Сојузот на синдикати, Дарко Димовски.

ССМ бара 2.806 денари нето-износ линеарно зголемување на сите плати од 1 мај, вклучително од општиот работник до претседателот на државата.

„Со ова ССМ докажува дека е доследен на неговото барање. Ги повикуваме и сите останати конфедерации, унии, синдикати, незадоволни работници, пензионери, да се придружат на првомајскиот протест. На 1 Мај борбата ќе биде на улица, а не на плажите и на ски-центрите на планините. Ние, работниците, да ја сфатиме сериозно оваа порака – да излеземе на 1 Мај и да ги оствариме нашите права“, истакна Димовски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи