Бектеши: Запирањето на рускиот гас не би имало влијание кај нас

Откако Русија ги прекина испораките на гас за Полска и Бугарија бидејќи двете земји го одбија руското барање за плаќање на енергенсот во рубљи, засега кај нас нема прекин во снабдувањето со гас.

Полска и Бугарија се транзитни земји за гасот, но прекинот засега не се одразува на трети земји кои добиваат руски гас преку нив. Македонија го добива гасот од Русија преку Бугарија од каде што влегува единствениот гасовод во земјава.

Според Министерот за економија Крешник Бектеши, Македонија не е премногу зависна од рускиот гас бидејќи тој во најголем дел се користи во топланите, а грејната сезона е завршена.

„Ние сме подготвени како институции, сите компании се подготвени. Каква и одлука да се донесе, и да има целосен прекин на испораката на руски гас, кај нас влијанието ќе биде многу мало, минимално, да не речам нула“, рече Бектеши на денешната прес-конференција.

Во моментот во државава се активни 3 системи за дистрибуција на природен гас. Еден е на Дирекцијата на технолошко-индустриските равојни зони, другиот е на ЈП „Струмица гас“ со 315 потрошувачи и третиот е на „Куманово гас“ со 100 поптрошувачи.

Во однос на компаниите кои користат гас, според Бектеши постојат алтернативни решенија.

„Компаните во технолошко-индустриските равоји зони и според закон мора да имаат алтернатива на гасот, тие може да работат на мазут, може по примерот на „Струмица гас“ да користат компресиран гас, или екстра лесно масло“, истакна министерот.

Бектеши најави дека наредната недела во Софија ќе има состанок со министрите од целиот регион на кој ќе се разговара за снабдувањето со гас.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи