ВИДЕО – Дали прилепските археолози ја открија јавната бања на изгубениот антички град Пелагонија?


Дали прилепските археолози ја открија јавната градска бања на изгубениот антички град Пелагонија кај месноста Долиште помеѓу селата Волково и Прилепец? Со годинешните истражувања откриена е римска бања која според големината или припаѓала на некој премногу богат граѓанин или е дел од комплексот на градската бања, што според археолозите е повеќе веројатно. Овој град егзистирал од некаде 5 или 6 век п.н.е. па се до 4 или 5 од н.е. Односно градот постоел околу 1 милениум. A бањата е некаде од 3 или 4 век.

„Се надеваме дека со следни години, годинава не пронајдовме некоја плочка мермерна, бидејќи во тие бањи, ако е јавна бања би требало да има плочка на кој град била таа јавна бања и се надеваме дека ќе ја најдеме таа мермерна плочка каде ќе биде натписот на кој ќе стои името на градот. Јас се надевам тоа да биде градот Пелагонија, затоа што градот Пелагонија кој што постоел во античко време се уште не е лоциран, не се знае каде се наоѓал“, истакна Душко Темелкоски, раководител на истражувањата.

Овој локалитет е познат уште од 50-тите години кога било пронајдено вредно депо на сребрени монети на македонски и пајонски кралеви. За прв пат Заводот и музеј Прилеп тука има истражувано во 2016 година кога се откриени одредени погребувања и во 2017 е откриена градба која имала стопански карактер.

„Мојот сон е да ја најдам Пелагонија, заедно со моите колеги археолози од прилепскиот музеј, но соработуваме нели и со филозофскиот факултет и професорите колеги. Нашиот сон е заедно да ја најдеме Пелагонија, значи можеби е овде на локалитетот Долиште, но можеби е и на локалитетот Старо Бонче, каде што е монументалната гробница. Така да ќе покаже иднината, од истражувањата под земја никој не знаеме што може да очекуваме“, додаде Темелкоски.

Инаку ова е втора римска бања која се открива во Прилеп, првата била кај месноста Пештерица, која сега за жал е потопена во водите на вештачкото езеро.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи