Прилеп ќе се смее на секои 20 секунди, цели 90 минути – од септември со Моџо спремаме нова голема турнеја


Во среда, во 20 часот, во домот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, ќе се случи стенд ап комеди шоуто на неповторливиот Бојан Велевски, најдобрите фори од 10 години, од над 400 настапи. Пред овој настап екипата на Инфо Компас направи интеревју со Велевски.

Можеби малкумина знаат дека Бојан има потекло од Прилеп?

Да. Поточно од Долнени е фамилијата на татко ми. А, таткото на мајка ми е од градот. Другата половина е повеќевековна скопска фамилија.

А на ова В во презимево шо че му прајме ако си од Прилеп, како се најде то таму?

Презимето на моите од Долнени било Атанасоски. Пеце Атанасоски ми е прадедо. Но, подоцна, откако се преселени во Скопје е променето во Велевски, во чест на Војводата Веле кој бил истакнат член на комитите од тој дел на Македонија.

Дали ова беше причината поради која еден од градовите каде што ги држиш твоите стенд ап шоуа е избран токму овој град?

Со Прилеп имам посебна емотивна конекција ради потеклото. Но, овој пат најголемата причина за овој BEST OFF STAND UP настап е пред се’ повикот од прилепчани. Прашав дали сакаат да дојдам, одзивот беше голем, па еве тоа се потврдува и со брзата продажба на картите.

Има ли се уште место во салата во „Марко Цепенков“?

Добивме дозвола само за 400 билети. Сега имаме дозвола за нови 100 билети. До недела наутро 50% од картите веќе беа продадени. Ќе имаме полна сала до среда. Ќе биде спектакл.

Во најавата велиш: „Че се смејме на најдобрите фори од овие 10 години, од над 400 настапи, собрани во 90 минути?“ Ами ти планираш само стари фори да ни кажуваш или че смислиш и нешто ново?

Старите фори се нови за прилепчани. Сум гостувал само 3 пати во 10 години во Прилеп и затоа сакам да им понудам нешто најдобро на сите кои ме пропуштиле низ годините.

Прилепчани и самите се одлични мајтапчии и шегаџии треба добро да се подготвиш за да ги насмееш?

И јас сум од Прилеп. Не заборавајте.

Е ај кажи некоја за**анција во 3-4 реченици да слушниме дали ќе не примами да дојдиме?

Најјаката фора на вечерта е за Битола. Толку че кажам.

На што се смее најмногу нашата публика: политика, секс, случки од секојдневието, на Светле од наше маало…?

Моите најдобри фори се вистински случки кои мене ми се случиле низ животот. Се разбира тоа се теми кои се прилагодени за настап, но во суштина се реалност и вистина. – Избегнувам политика, А Светле е башка муабет. Светле е светлото на крајот од тунелот. Че си дојте,че си слушните.

Кои фори, за која тема, тебе ти се најомилени и од каде инспирација за истите?

Машко/женските односи и релации ми е една од омилените теми. Инспирација има насекаде. Од дома со Каролина, до жените со кои комуницирам низ секојдневието.

Дали сам ги смислуваш сите фори или имаш сценарист?

Сите фори се авторски. Но, за турнејата од септрември ќе има и сценарист.

Тешко ли е да се постигне да се искоментира се’ што се случува на дневна основа кај нас?

Мене лично не ми е тешко. Тоа за мене е минута работа. Се случува некоја глупост, земам телефонот и веднаш имам неколку варијанти во глава. Пишувам статус или коментар и тоа е тоа. Завршено. Одиме понатака.

Бојан е доста активен на социјалните мрежи. Тоа ти е составен дел од твојата комедија?Одржување на темпото или коментираш понекогаш и како граѓанин?

Секогаш коментирам како човек пред се’. Како човек на кого му е важно да мрднеме од мртва точка. Иако станува збор за комедија и на прва топка на сите ни е смешно, во позадина има секогаш сериозен контекст.

Колку социјалните мрежи кај нас се оној активен чинител во формирањето на јавното мислење и дали тоа се постигнува на еден ваков комичен начин?

Сериозно влијание имаат социјалните мрежи врз креирањето на јавното мислење. Јас имам неколку тези за влијанието на социјалните мрежи и начинот на кој тие можат да создадат “бран” на задоволство или незадоволство. Но, тоа е тема сама за себе.

Може ли човек да живее во Македонија само од стенд ап? И зошто нема многу комичари од овој вид кај нас?

Јас никогаш не сум живеел од стенд ап. Работам нешто сосема друго, но стенд ап-от ми е хоби кое го работам максимално професионално. Инаку, јас за себе можам да тврдам дека од стенд ап со добра работна стратегија и добар маркетинг, можеш да живееш нормален, сосема удобен живот. А, зошто нема многу комичари, тоа е затоа што ова е сериозно тежок израз за работа. Бара многу време, енергија, креатива и позитивна енергија.

Си размислувал ли за некое ТВ шоу, од овој тип, кое би се емитувало на пример еве еднаш неделно?

Размислувам не само јас… сите ние сакаме такво нешто. Проблемот е во телевизиите. Заглавивме на едно шоу што се емитува редовно 13 години и тоа е тоа. Прашање е веќе и колку е воопшто гледано.

После Прилеп каде продолжува турнејата и уште колку градови ќе поминиш?

Охрид, Прилеп, Битола е во план… но, ова се само одделни настани кои се најава за турнеја од септември. Ќе има летово уште 2-3 големи настани како загревање.

Идни планови, дали се подготвува нешто ново и кога може да се очекува?

Од септември заедно со Божидар Божиновски спремаме голема турнеја со 12-13 регионални настани. Божо ќе биде автор на текстот, а јас изведувач. Веќе години наназад сме највлијателни индивидуалци на фејсбук, а ни се погодија и професиите. Тој пишува, а јас сум перформер. Решивме да се споиме, да ја споиме публиката која не’ прати и да им пружиме на луѓето едно поинакво доживување.

И за крај ај уште еднаш повтори зошто во среда во прилепчани во 20 часот да бидат во „Марко Цепенков“?

Во среда ќе биде смеење на секои 20 секунди, цели 90 минути. Минатиот пат на охриѓани малку им беше… сакаа уште, а не застанавме да се смееме саат ипол. Мислам дека ова е доволна провокација.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи