МПЦ-ОА не планира одржување заедничка света архиерејска литургија со СПЦ

Македонската православна црква – Охридска Архиепископија не добила покана и не планира одржување заедничка света архиерејска литургија меѓу великодостојниците на нашата и на Српската православна црква на крајот на годишниот Собор на СПЦ, што започна вчера во Сремски Карловци, а чиј работен дел во наредниве седум дена продолжува во Белград.

Српските медиуми викендов шпекулираа дека СПЦ планира да „признае единство“ со МПЦ-ОА на крајот на овогодишниот црковен Собор, по што великодостојниците на двете цркви заедно би отслужиле света архиерејска литургија што би претставувало знак на „помирување и обнова на единството“.

Извори на МИА во МПЦ-ОА, посочуваат дека во претходниот период било разговарано за таква можност, но дека сега, по одлуката на вселенскиот патријарх Вартоломеј од 9 мај за признавање на МПЦ-ОА за канонска црква, работите се променети и дека не се планира одржување на заедничка богослужба со српските црковни великодостојници.

Во однос на информациите дека на 5 јуни на празникот Педесетница или Света Тројца најверојатно во Истанбул, поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископ охридски и македонски Стефан ќе одржи прва заедничка богослужба со вселенскиот патријарх Вартоломеј,  изворите на МИА од нашата Црква посочуваат дека се планира таква богослужба, но дека засега ништо не е прецизирано.

Претходно, во врска со ваквата најава, портпаролот на Синодот на МПЦ-ОА, митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј во изјава за Пресинг ТВ, само кусо одговори дека „ниту ја потврдува, ниту ја демантира ваквата информација“.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи