Романот „Ангел во тело“ и збирката раскази „Работилница за живот“ – двете нови дела на проф. Билјана Тинтоска


Професорката Билјана Тинтоска ги промовираше своите 2 нови дела романот „Ангел во тело“ и збирката раскази „Работилница за живот“. И двете книги се два различни пристапа на една иста тема, а тоа е љубовта. Најголемиот предизвик во книжевноста, анализирана од различни агли, вртена, превртувана и ставана на испит, таа пак е врвна вредност, суштина на животот, кого јас во лично преферирам и се трудам, во моите книги, секогаш да го гледам и истакнувам од неговата ведра и добродетелна страна.

„Што ме поттикна да го создадам романот „Ангел во тело“ и зошто токму ваков наслов? Главниот мотив и инспирација произлезе од мојата и професијата на моите колеги, со која низ годиниве на служба пред нашите ученици, излегле потврдени лекари, здравствени работници и пред сѐ луѓе, во вистинска смисла на зборот. Задоволството е големо исто како и одговорноста за понатаму, за иднината. Допирот со оваа професија, благородна и ангелска, ја поттикна во мене потребата да проговорам за неа, уште повеќе бидејќи сум имала прилика да ја доживеам во моето семејство, преку мојот вујко Благоја Велески, познат и потврден лекар – специјалист рентгенолог и особена личност, покрај кого пораснав. Тоа ми дава за право да ги споменам сите познати прилепски лекари и почитувани професори во нашето училиште, кои оставиле и оставаат белег врз сите нас кои ги познаваме и не ги забораваме нивните лекарски и хумани дела. Некои од нив, за жал, не се со нас, но живеат вечно преку своите добродетели. Лекарската фела и сега е присутна во моето семејство – мојата золва д-р Добрица и внукот д-р Младен Димески и… секако моите колеги – лекари и сегашните и идни наши ученици.

Заради сите нив се роди овој роман. Во него, во фокусот на сите настани, стои светоста на личноста и делото на познатиот академик, научник, универзитетски професор, хирург со широк спектар, лекар од светски ранг, архиереј и светител, Лука Војно – Јесенецки, во светот Валентин Феликсович, наш современик до средината на 20 век, чии научни иноваторски дострели и денес ги користи современата медицина. Нему му должам голема благодарност заради неговата делотворна молитвената помош во моето семејство. И во еден дел книгата е мој дар кон него.

Преку романот и неговите ликови ќе имате прилика да дознаете зошто лекарот е ангел во тело – бидејќи како на ангел чувар му се доверуваат човечките животи, а со тоа и дарот и одговорноста да биде животодавец. Тоа обврзува безусловно да се љуби човекот, да му се биде апсолутно посветен. Ова, особено имавме прилика да го спознаеме во изминатиов период, иако борбата за човечките животи е постојано актуелна, еднакво стара колку што е и современа. Лекарот е секогаш на првата линија на фронтот. Но… лекарската етика има уште поголема вредност кога е украсена со верата во Бога. Тогаш лекарот ја остварува полнотата на својата благородна животодавна мисија.

И покрај мојот можеби малку посериозен пристап кон оваа тема пред вас, впрочем, „Ангел во тело“ е во голема мера роман за млади. Бидејќи, како што веќе реков, младите со кои работам се неисцрпна инспирација. Младоста е најубавиот период во животот и клучен во одредување на насоките кон иднината. Ние повозрасните често со носталгија се потсетуваме на неа, а младите треба да ја живеат будно и одговорно, успешно да се справуваат со сите нејзини турбуленции, но и шансите што ги добиваме за да тргнеме по патот на вистинските вредности. Во мојот роман секој лик раскажува за себе и за своите преживувања – тажни и радосни, често трагични ама и борбени, да се дофати среќата, да се оствари целта и суштината на животот. Сите заедно и секој со својот придонес „лепи квадратчиња во мозаикот“ што се вика живот. Исто како што и сите ние го градиме мозаикот на сопствените животи.

И… токму тој… животот во секоја смисла на зборот – и овоземен и вечен, е тема и на мојата втора книга, збирката раскази што во својот наслов ја содржи оваа реч – „Работилница за живот“. Морам да бидам искрена и да признаам дека најпрвата инспирација и поттик да се обидам и на полето на расказот ја добив од мојата втора љубов после пишаниот збор – музиката. Порасната со звуците и стиховите на нашата, исклучителна по уметничките вредности, народна песна – безвременска и вечна, а сакајќи да го поттикнам интересот кај младите за нејзините, пред сѐ, духовни квалитети, дојдов на идеја преку избор на дванаесет од стотиците наши народни бисери, да ја обновам актуелноста на пораките што ги носат тие. Зошто одбрав дванаесет? Метафорично и симболично, според бројот на месеци во годината – по еден расказ за секој месец. Тежок беше патот на изборот – која наша народна песна да биде дел од оваа низа, но се надевам дека е успешен и ќе постигне во вашата фантазија да ја долови конекцијата на секоја од нив со случка од животот. Секоја од песните, за мене беше инспирација да создадам расказ по кој читателите ќе ја паметат, затоа што животната мудрост која ја црпиме од нашето фолклорно богатство никогаш не е застарена, заостаната и одмината. Напротив, таа е еднакво свежа и актуелна како да се однесува на сегашни настани. Тоа е и големината на фолклорната уметност – нејзините пораки се универзални, делотворни и корисни за век и веков“, истакна на промоцијата професорката Тинтоска.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи