115 години од Битката на Ножот


Битка на Ножот e најголемата и најкрвавата битка водена од Четничкиот институт на Македонската револуционерна организација во периодот по Илинденското востание. Битката се одиграла на 14 јули 1907 година на врвот Ножот, во близината на селото Ракле, Прилепско, а огласот и фотографиите се разнеле ширум светот.

По Илинденското востание бугарската, српската и грчката вооружена пропаганда во Македонија се засилуваат. На Рилскиот конгрес кој се одржал во септември 1905 година е донесено решение да им се даде решителен отпор. Од средината на мај 1907 година четата на Тане Николов е по должината на планината Бабуна, а од месец јуни и 50-члената чета на Михаил Чеков и 30-члената костурска чета на Христо Цветков.

На четата на Тане Николов се приклучува и прилепскиот околиски војвода и член на окружниот комитет Петар Ацев. Кон нив се упатуваат и четите на Иван Наумов и една прилепска реонска чета на чело со Мирче Најденов.

Во регионот се концентрираат вкупно нешто повеќе од 150 комити и скоро 150 лица селска полиција од околните села. Главна цел на Обединетата чета под водство на Тане Николов е чистење на селата во Бабуна планина од србоманските шпиони и конечно уништување на српската пропаганда.

Србоманите од своја страна испраќаат агенти во Битола, Прилеп, Воден, Лерин, Тиквеш и Велес за да ги предадат на турските власти македонските чети во селото Никодин. По 10 јули турските војници се распоредуваат во целиот регион.

Утрото на 14 јули турски аскер се насочува кон врвот Ножот со цел да го опколи комитите, a друга група турски војници од исток отвора оган во главната команда. Комитите кои се наоѓаат на Ножот, отвораат оган по турскиот аскер. 18 комити се искачуваат и ги заземаат североисточните падини на самиот врв. Нивната позиција не им дозволува да гледаат што се случува на другите падини. Турските сили почнале да заземаат позиции околу самиот врв и да го обиколуваат.

До пладне пристигнуваат нови турски единици на чело на Енвер бег. Турска чета ги напаѓа другите 18 млади луѓе на североисточните падини, притиснати и од исток од аскер, сите паѓаат убиени, што го отвора патот за силен напад на Ножот.

Со 7 бомби четниците на Ножот се самоубиле. Четата на врв Асенова глава ги одбива нападите од село Смиловци и се повлекува. Четите на Михаил Чеков и Велко Апостолов – Попадиски се повлекуваат од Попадиската река во правец на село Подлес.Со падот на ноќта четите се повлекуваат и турските војници им ја губат трагата. Во следните неколку дена аскерот наоѓа и убива неколку изгубени и повредени четници.

Вкупниот број на загинатите комити во областа на планината Ножот е 67. Од нив 45 загинуваат на самиот врв, други 10 се убиени во подножјето на планината Асенова глава, 6 лица паѓаат при повлекувањето од врвот, 1 е убиен на Мирчовата ледина, 4 комити се опколени во една плевна – двајцата се убиени, а другите двајца (повредени од претходниот ден) се изгорени живи, еден фатен комита е обесен по два дена во Велес.

По заземањето на Ножот, Турците се изживуваат врз загинатите комити, но Енвер бег го запира сето тоа и наредува почесен закоп во чест на храбрите борци. Телата на комитите по негова наредба се закопани во близина на врвот од локалните селани. Поради каменестата почва и недостатокот на земја тие се затрупани со камења и долго потоа делови од телата на комитите се разнасувани низ околината од диви животни и кучиња.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи