Одбележан Илинден во Прилеп – обврска да ги чуваме темелите на македонската држава, но и да се избориме за подобро утре!

Со положување цвеќе пред спомен бистата на првиот Претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто, спомен бистите на Ѓорче Петров, Кузман Јосифоски Питу, Пере Тошев, како и на Меморијалниот комплекс Могила на непобедените денес во Прилеп беше одбележан големиот национален празник Илинден.

Градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески изјави дека Илинден преставува наша обврска во овие бурни времиња да ги чуваме илинденските идеали и заложбите на АСНОМ.

„На овој голем национален празник, сакам да ви го честитам Денот на Републиката, а воедно и големиот христијански празник Св. Илија. Илинден не потсетува на историската борба и вечниот стремеж на македонскиот народ за слобода и самостојна држава. Носечкиот код на македонската држава, 119 години од Илинденското востание и 78 години од Првото заседание на АСНОМ. Празнувајќи денес, оддаваме почит на сите херои од нашата голема и богата македонска историја, затоа што сите тие се оние кои што ги поставиле темелите врз кои што опстојува денешната современа Република Македонија. Пожртвуваноста и храброста на илинденците, а подоцна и на борците од НОБ, претставува наша обврска која не задолжува секогаш, а посебно во овие исклучително бурни времина за македонската држава, да стоиме цврсто на браникот на татковината и да ги чуваме илинденските идеали и заложбите на АСНОМ“, изјави Јовчески.

Претседателот на Советот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски истакна дека како генерации имаме историски предизвик да создадеме национално достоинствена и меѓународно почитувана Република Македонија, која би чекорела напред кон економски, европски и демократски развој.

„Прославувајќи ги двата Илиндена, 1903 та  и Првото заседание на АСНОМ 1944 та година, ние како Македонци, во суштина ја прославуваме љубовта кон нашата татковина – Македонија и денес на Илинден , со голема почит, пиетет и восхит ги споменуваме сите оние јуначки подвизи на знајни и незнајни борци за слободата. Чествувајќи го овој празник, 2-ри Август – Илинден, Денот на Републиката, им се поклонуваме на Илинденците, на револуционерите од НОБ, за нивната храброст  и саможртвување, како и на сите жртви на нашиот народ за остварување на вековниот сон да бидеме Македонци во своја сопствена независна држава Македонија. Денеска, одбележувајќи ја 119 годишнината од Илинденското востание и 78 години од Првото заседание на АСНОМ, даваме завет дека ќе ги чуваме темелите на кои е заснована македонската држава, негувајќи го  нашиот македонски јазик, традиција и историја. Денес, како генерации имаме и историски предизвик, да создадеме национално  достоинствена и меѓународно почитувана Република Македонија, која би чекорела напред кон економски, европски и демократски развој. Тоа не е само предизвик, тоа е и наша обврска која што треба да ја исполниме за поубаво утре на нашите деца, за нашите идни генерации!“, рече Проданоски.

Нека е честит Денот на Републиката и вечно да живеат илинденските идеали!

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи