ВИДЕО – Бранителите: Бевме жртва на политичката игра која се водеше во 2001 и по 21 година нема истрага за Карпалак


21 година потоа државата ниту малку не се оддолжи за жртвата на 10-те мина прилепчани кои загинаа на Карпалак, ние како бранители се чувствуваме заборавени. Ова е ставот на бранителите од 2001 година кои денеска оддадоа почит пред споменикот Карпалак во Прилеп. И понатаму сметаат дека биле жртва на политичката игра која се водела тогаш.

Сите околности на така наликуваа, на така водеа и во понатамошната постапка после кога почнавме судски спор, налагаа дека сме директно предадени на некој начин за случката што се случи на 5ти со отепаните терористи во становите во Скопје. Ние на некој начин бевме жртва за нив, а и тогаш имаше исто политички препукувања, едни партии тргаа за донесување вонредна воена состојба, други за мировни преговори така да ние бевме жртва на тие политички настани“, истакна Игор Петрески, претседател на здружение „Карпалак“.

Жалат што и по 21 година никој не сака да покрене официјална истрага за случајот. Велат дека соживотот во Македонија никога не бил проблем, проблемот го правеле политичарите.

„Соживотот помеѓу обичниот народ никогаш не бил проблем, па ниту тогаш беше некој голем број, но сето се ова политички манипулации“, вели Игор Петрески, претседател на здружение „Карпалак“.

Свежо цвеќе денеска во Прилеп положија повеќе делегации од државниот врв, политичките партии, здруженија на граѓани и семејствата на загинатите.

„Сите сме согласни во тоа дека злото од 2001 година никогаш не смее да се повтори. Затоа што во воените конфликти нема победници и секоја една солза и загубен човечки живот се далеку повредни од било каков извојуван триумф“, рече Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

Денеска цвеќе беше положено и на местото на несреќата, на банкината од патот. Ниту една влада досега за 2 децении не изгради достоен споменик. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ако дојделе на власт ќе изграделе. Но нема одговор што се чекало досега.

„Апсолутно мислам дека треба да се изгради споменик и ќе се изгради споменик, има идејно решение, можеби јавноста го знае, можеби не го знае, но апсолутно на тоа место ќе има достојно одбележување, како што всушност и во Прилеп имаме споменик кој е посветен на овие бранители“, рече Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Вчера беше оддадена почит и беше положено свежо цвеќе и на споменикот кој се наоѓа во прилепската касарна.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи