Анкети порачуваат политичките партии, значи анкетите секогаш се нарачани од политички партии, евентуално од институции и се главно мерило каде се наоѓа секоја политичка партија меѓу два изборни циклуси. Секако најдобра анкета се изборите, но во меѓувреме во цел демократски свет тоа е начинот на кој се мери перформансот и поддршката на секоја политичка партија, рече денеска во Прилеп потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, како одговор на обвинувањта на СДСМ дека како партија си нарачувата анкети.
„Во однос на резултатите од анкетите, тие се апсолутно точни, се работи за најголемата куќа во Европа за истражување на јавно мислење, тоа е француски ИПСОС, кој што досега нема промашено истражување не само на Балканот, туку зборувам на ниво на Европа, така што доколку ИПСОС излегува со тие бројки, тогаш во моментот тоа е расположението на народот. А всушност најдобар доказ дека бројките се вистинити е тоа што власта предводена од СДСМ и од ДУИ бега од две клучни работи на кои што може да се види расположението на граѓаните. Првото се предвремени парламентарни избори и второто е референдум на кој што граѓаните масовно ќе го одбијат овој бугарски предлог. Така што ова се двете форми на непосредна демократија, каде што граѓаните можат да ја кажат најточната анкета, ги повикувам од тука од Прилеп да се согласат и на предвремени избори и на референдум.