ВИДЕО – Величествениот сарај во Ресен ја чува светски познатата керамичка колонија и поставката на Кераца Висулчева


Ресенски сарај или Ресенскиот дворец, како што уште го нарекуваат, е еден од најмаркантните објекти изградени во Македонија во француски неоренесансен или неокласичен стил. Ресенчани со гордост велат дека тој е најубавата градба не само кај нас туку и на целиот Балкан. Го градел еден од водачите на младотурската револуција Нијази бег, кој пак идејата за изградба на едно вакво белелепно дело ја добил кога примил разгледница со Версајскиот дворец од свој пријател од Париз. Но за жал Нијази бег никогаш не ги почувствувал убавините на сарајот. Бил убиен во војната пред истиот да биде конечно изграден и завршен. За тоа како Ресен го добил овој сарај поразговаравме со Васко Василески, директор на Домот за култура „Драги Тозија“ до Ресен кој сега е сместен во овој објект.

Се наоѓаме во еден од најмаркантните и еден од најубавите објекти не само во Ресен, туку и во целата држава и на Балканот, а можеби и во Европа, затоа што навистина е една прекрасна градба која што сите ние си ја сакаме, но за оние кои не се запознати со нејзиниот историјат, што може да ни кажете повеќе за изградбата на Домот за култура во ресен, односно Ресенскиот сарај како што уште и се нарекува.

„Кога се зборува за Ресенскиот сарај вредно е да се напомене дека Ресенскиот сарај е изграден на крајот на 19 и почетокот на 20 век, или поточно во 1904/1905 година. Него го градел еден до водачите на младотурската револуција, Ахмед Нијази Бег кој што го градел но никогаш тука не престојувал, за жал бил убиен и по неговата смрт сарајот ќе продолжи да функционира како што функционира и сега. Сакам да напоменам за неговата градба, сакам да кажам  дека е граден од материјал кој што е мермер вграден во сарајот од локалитетот Плочине во село Волно. Димензиите на ѕидовите се од 40 до 85 сантиметри, а висината е некаде од 2.7 до 3.5 метри висина. Меѓукатната конструкција е од челични профили исполнети со тула, ходници и холови и дрвени греди во останатион простор. Кровната конструкција, конструкцијата на кубињата е дрвена, а кубињата се реконструирани во 1982 година, онака како што се денес“, рече Васко Василески, директор на Домот за култура „Драги Тозија“ до Ресен.

Спомнавте дека го гради Нијази Бег, како дошол до идеја да го изгради овој сарај баш тука во Ресен, дали потекнува од овој регион?

„Самата идеја за да го изгради овој сарај му била од добивањето на една разгледница налик на версајските дворци, по теркот на версајските дворци и таквата конструкција сакал да изгради еден таков велелепен објект во самиот Ресен“, вели Василески.

Денес во оваа зграда е сместен Домот за култура „Драги Тозија“, галеријата на дела од Ресенската керамичка колонија, постојаната поставка на делата на македонската сликарка Кераца Висулчева, како и ресенската библиотека. На првиот спрат се наоѓа навистина уникатна Галерија и тоа во светски рамки, Галеријата на Ресенската керамичка колонија, каде се изложени стотици дела од најеминентните скулптори и керамичари од светот кои доаѓале тука низ годините и твореле на оваа колонија.

Се наоѓаме на првиот спрат од познатиот Ресенски сарај, во просториите каде се наоѓаат овие навистина уникатни дела на познатата ресенска керамичка колонија. Со нас е господинот Мите Ноневски, раководител на таа колонија кој што ќе ни каже многу повеќе за овие навистина интересни експонати кои се наоѓаат тука околу нас.

„Континуитетот на грнчарството во Преспа се следи од античкиот, византискиот и поствизантискиот период. Еден од најзначајните занаети во Преспа кон крајот на 19 и почетокот на 20 век било грнчарството и како континуитет на тоа е направена ресенската керамичка колонија. Таа започна со работа во далечната 1973 година и континуирано се одржува секоја година од 1 до 20 август. Атељето ни е во отешево, ние покануваме по 7-8 автори, толкав е капацитетот на атељето, а толку се и парите и се што се изработува тука останува како сопственост на галеријата на современа керамика и така е направен овој музеј. Досега учествувале над 250 уметници од целиот свет, најдалеку сме имале од Холандските Антили, Нов Зеланд, Аљаска, Кореја, Америка и сите европски земји. За време на одржувањето на сесиите од 1 до 20 август, најмногу се користи ресенска глина, а уметниците кои доаѓаат сакаат да експериментираат. Користиме и англиска глина, чешки коалин и шамот. Шамотот му доаѓа како арматура за поголемите работи кога ги прават да не паѓа глината. Боите, глазурите се тип шаоен и имаат точка на топење  од 800 до 1.200 степени. Во изминатиот период направени се 50тина изложби во земјава и во странство, а врв на колонијата е што е членка на Академијата на керамика при УНЕСКО, со седиште во Женева. Таа е формирана од страна на Пабло Пикасно, кој меѓу другото бил и керамичар. Најмногу во академијата има членови керамирачи, како институции, музеи, галерии, центри, а нас не третираат како професионални асоцијации. Има само 9 од целиот свет, меѓу нив и Ресенската керамичка колонија. Така да некој ако сака да ја види светската керамика, треба да дојде до Ресен, нема на друго место. И странците кога доаѓаат се изненадени како едно толкаво место како Ресен да има толку богата збирка“, истакна Мите Ноневски, раководител на Ресенската керамичка колонија.

 

Ова е местото од каде започнува практично онаа туристичка тура кога ќе дојдат посетителите во овој музеј?

„Колонијата, поготово пред ковидот беше многу посетена, имавме гости од сите континенти. Тие се изненадени како едно мало место како Ресен да има толку богата збирка. Многу имаме посета на гости од Турција, бидејќи тие сакаат и галеријата да ја видат, делата од турски автори и да го видат Сарајот, изграден од Нијази Бег, тоа е неокласицизам. Тие две работи добро се спојуваат со тие туристи. Редовно имаме туристи и од Холанѓаните кои доаѓаат на одмор во Охрид. Посебни изложби правевме, современа холандска керамика од фондот на Ресенската керамичка колонија кога беше амбасадорка Симоне Филипини. Имаме правено посебна изложба на српска керамика, турска, македонска керамика“, додаде Ноневски.

Ајде да ги погледнеме овие навистина прекрасни дела.

Повелете.

Ова се тие прекрасни дела во керамичката колонија во Ресен, кои се наоѓаат од нашата лева и десна страна. Што може посетителите да видат тука?

„Не е благодарно секое дело да го објаснувам, но ќе направам некој избор додека ја разгледуваме галеријата. Ова е Владимир Аврамчев, еден од водечки керамичари на ресенската керамичка колонија, негови дела се презентирани на голема изложба што се одржа во Атина 2002 година, кога во Атина беше и асамблејата за керамика и тогаш се организираше културна олимпијада во Атина, бидејќи 2004 беше официјалната олимпијада. Тогаш се направи една голема изложба на светската керамика, посебно на балканските земји. Сите земји беа застапени со тројца автори, нашата република беше застапена со Владимир Аврамчев, Душко Мишевски и Михо Лазаров. Тие направија квалитетен каталог, тоа беше прекрасна изложба, ја видоа сите врвни керамичари од целиот свет. Тоа дело е од Норвешка, тоа е од Холандија, тоа беше една прекрасна дама која сакаше да работи цветови. Тоа е Велимир Вукичевиќ, сакаше да работи народна керамика. Тоа е Халил Бериша кој повеќе на керамиката сакаше да го изрази сликарството, тоа се гледа на самото дело“, вели Ноневски.

Комбинација на сликарство и грнчарство?

„Керамиката ги има сите дисциплини, и керамика и графика и скулпура и сликарство. Тоа е најкомплексна дисциплина. Ова е дело на Михо Лазаров, како што спомнавме еден од водечките керамичари и основач на колонијата, дел од големата изложба штосе организира во Атина. Тоа е Џандај Јунгор, професор на универзитетот во Измир. Жената сакаше да работи исклучиво теракота и сите дела кои ги изработи се изработени во теракота. Инаку во далечната 1973 година, кога започна со работа Ресенската керамичка колонија, како основачи се јавуваат Собранието на Општина Ресен и Друштвото на ликовни уметници за применета уметност на Македонија и тие остануваат како патрони на Ресенската керамичка колонија. Бидејќи досега кажувавме за делата, ова дело е на Ирфан Ајдин, тој професор на Мима Синар универзитетот. Делото се вика „Кафе за политичари“, кога доаѓаат политичарите малку ги застанувам тука да видат до каде се. Кафе за политичари, ниту од тоа ќе тура, ниту од ова ќе се напие, бидејќи е празно. Она е затворено и не може да тура, а ова е отворено и ако тури сето ќе истечи“, додаде Ноневски.

Се наоѓаме пред едно навистина интересно дело, кое што е насловено „Вдовиците на Сребреница“, 2002 година. Авторот гледаме дека е од Холандија, Јосе Перт. Што преставува ова дело?

„Кога беше масакрот во Сребреница, Холанѓаните можеа да ја спасат Сребреница. Авторката е Холанѓанка, таа беше револтирана што направи нејзината земја и како револт ја направи оваа инсталација. Тоа што е камен, коска, дрво е што наоѓаше во околината на атељето, а керамиката има наслов „Тага меѓу гради“, тагата за убиените жени и мажи од Сребреница и еден ден кога ќе се прави Музеј на Сребреница пола дело ќе го поклониме таму, а пола дело ќе остане тука бидејќи тука е направено. Фондот на колонијата е некаде околу 1.000 експонати, а во овој простор се изложени некаде околу 450 експонати. Секој автор е застапен со едно или повеќе дела“, кажа Ноневски.

Во овој дел како што можеме да забележиме претежно имаме македонски автори, тука имаме и еден чун кој претходно се употребувал во Преспанското Езеро?

„Тој чун е правен, како што ги видовте тие моноксидите, од дрво. Тоа е Македонска Андонова, тоа е Раде Печурклиевски, сега веќе починат и еден од основачите на керамичката колонија. Тоа е Драган Конаков од Србија, па потоа ги имаме Холанѓаните, тие претежно сакаат да работат на цвеќе и така направија неколку цветови во керамика“ рече Ноневски.

Холандија е земја на цвеќињата и лалињата!

„Од Холандија имаме 10 автори и кога правевме изложба направивме еден излог од 50тина експонати во галеријата Даут Пашин во Скопје и тоа беше една прекрасна изложба. Изложбите се многу важни за презентација на уметничките дела, ако не се прават изложби и ако не се изложени во вакви поставки, самото дело ќе преставува гробница бидејќи никој не го гледа, а со презентацијата тие си имаат комуникација со публиката. Од сите колонии во Македонија што се графички, сликарски итн., само Ресенската колонија има стална поставка, значи колонијата работи 365 дена, за разлика од другите колонии каде ќе се одржи сесијата, ќе направат неколку изложби и тука завршува. На ниту една колонија во Македонија не може да се види творештвото на сите автори што учествувале во колониите, освен во Ресен“, истакна раководителот на колонијата Ноневски.

Рековте дека има околу 1.000 творби кои се чуваат во депо, дали се менува од време на време оваа поставка?

„Да, се менува и постојано се надополнува. Значи секоја година ние одиме на тоа да имаме нови автори, секогаш Македонецот е и уметнички раководител, така да од новите барем по едно дело треба да биде застапено во галеријата. Веќе просторот на галеријата станува малку тесен, гледате дека и галеријата изгледа како шума“, додаде Ноневски.

За разлика од претходно што можевме да видиме една престава изработена од глина на моноксид како тие чамци кои се на влезот на овој сарај, тука имаме еден друг вид на чамец со малку поапстрахна варијанта на неговата изработка?

„Атељето ни е во Отешево, уметниците се доста често покрај езерото и сакаат и езерото да го искористат како инспирација за творештвото. Тоа е Тулеј Балтуч, професорка на универзитетот „Мимар Синан“ и таа сакаше да направи „Чамец за тројца“ и така го крсти и делото. Тоа е печено на висока температура, тоа е каменина.  Тоа е Красимир Џидров, шеф на отсекот за керамика во Софија, сакаше да работи некоја потврда керамика и користи елементи од поднебјето на Преспа. „Убавите жени и лошите вина“, вели Ноневски.

Бидејќи ние потекнуваме од Прилеп, си најдовме тука едно дело кое е поврзано со историјата на нашиот град и регион, а тоа е изработка на Крали Марко.

„Да, токму така. Тоа е професорот Дедиќ од факултетот за применета уметност. Тој сакаше повеќе фигуративни работи да работи, меѓу другото го изработи и делото кое го наслови „Крали марко“. Тоа е презентирано на многу изложби и во сталната поставка на Галеријата на современа керамика. Ова се едни од постарите дела кои се направени во атељето на ресенската керамичка колонија, тука е преставен стилизиран кошаркар, а тука е преставен еден корморан, бидејќи кормораните ги има во Преспанското Езеро. Ова дело се вика „СФРЈ“, тоа беше еден автор од Словенија, по распаѓањето на Југославија, многу жалеше за распадот и делото го крсти „СФРЈ“, со сите 6 раце, сите 6 републики од бившата држава. Ова дело е на една Французинка, Консуела Дамон Мари, таа работеше фигуративна керамика и нејзините дела беа и малку со еротична содржина, ги имаме тука и во другите простории на галеријата. Тоа е една керамичарка од Бугарија која работеше мумии во голем формат, а тоа дело е на млада керамичарка од Кореја. Таа така ја виде Македонија и така ја претстави и делово го крсти „Спомени од Македонија“, потенцираша Ноневски.

Ова дело што го држам во моите раце потекнува од првата сесија на колонијата, односно далечната 1973 година. Што преставува тоа и кој е неговиот автор?

„Тоа е дело на покојниот Павле Топухов, преставува една стилизирана ваза, а да кажам дека на почетокот, 1973 година, колонијата започна со четворица автори. Тоа беа Павле Топухов, Михо Лазаров, Владо Аврамчев и Ѓурдинка Богдановиќ. Еден период колонијата работеше како општа југословенска манифестација, кога се распадна Југославија сама по себе стана меѓународна, а тогаш почнаа да се покануваат и автори од прекуокеанските земји, како што кажав на почетокот. Таа преставува знак за препознавање на културната карта, не само за Ресен, туку и за Македонија. Она што е Ел Греко за Толедо, тоа е керамичката колонија за Ресен и Преспа, но и Македонија“, истакна Ноневски.

Токму така, оваа колонија преставува вистински амбасадор и наш репрезент низ целиот свет!

 

Го посетивме и вториот спрат на Ресенскиот каде е сместена постојаната поставка на делата на македонската сликарка Кераца Висулчева.

Пред малку имавме можност на првиот спрат од овој Сарај да ја погледнеме Галеријата на современа керамика. Сега се наоѓаме на вториот спрат од Сарајот каде веднаш позади нас се наоѓа постојаната поставка на дела на нашата уметница Кераца Висулчева. Дали може да ја погледнеме оваа изложба, да видиме што има внатре и да ја раскажеме приказната за Кераца и токму за оваа поставка?

Ајде, повелете, ни рече Милица Бојческа, кустос во музејско одделение Ресен преку Музеј на Македонија.

Влеговме во поставката на Кераца Висулчева што се наоѓа во ресенскиот сарај. За оние кои не се запознати, дали може да ни кажете која е точно Кераца Висулчева и како овие дела се нашле токму тука во Ресен во овој прекрасен Сарај?

„Уметницата Кераца Висулчева е родена во Нестра, костурско. Таа ги издржала стамено, гордо балканските стапици во историјата кои си поиграле со нејзиниот уметнички и животен идентитет. Нејзините дела се донесени овде во ресен, таа е родена 1910 година, по нејзина желба. Го бендисала сарајот и му обратила со писмо на тогашниот градоначалник на Ресен дека после нејзината смрт сака делата да се донесат во градот Ресен“, вели Бојческа.

Која година е ова?

„Оваа поставка е отворена 2005 година, затоа што таа починала 2004, како почит кон богатата ликовна уметност, ликовни дела се донесени овде во Ресен. Тоа го овозможиле еминентни личности, поранешниот претседател на Македонија Киро Глигоров, Музејот на Македонија, Музејот на Современа уметност и Министерството за култура. Нејзин вековен сон бил да умре во Македонија, најмногу за тоа придонел поранешниот претседател, да умре и да ги остави делата во наследство на Македонија. Инаку стилското дефинирање на силот на Кераца Висулчева е реализам, постимпресионизам и малку наклонува кон националромантизмот. Според нејзиниот ликовен израз ја приближуваат до големите француски мајстори, била доста ценета уметница. Академија се запишала и завршила во Софија, 1929 година се запишала, а 1935 година завршила и добила награда од бугарското здружение и првата слика нејзина на независни уметници што ја презентирала е „Дете кое спие“. Потоа презентирала во државната уметничка галерија во Бугарија. Бидејќи се декларирала дека е Македонка, била исклучена од друштвото на ликовни уметници 1958 година, без право да набавува сликарски материјал и сликарска техника. Потоа во 1989 година била примена само како формален член. Почнала да ги уништува сликите, овде имате еден пример „Портрет на буни“, ги сечела платната затоа што паднала во депресија бидејќи била исклучена. Но дошол некој сликар, аматер и ѝ рекол дека е гревота вакви дела да се уништуваат и повторно таа се заколнала во животот на своите деца дека нема ниту едно дело да продава, туку сите ќе ги поклони на Македонија. 1941 година повторно се вратила во Македонија и се селела на тромеѓе Грција, Македонија, Бугарија и на крајот на 85 годишна возраст дошла во Македонија. Починала 2004 година, а овие слики се донесени 2005 година. 1992 година во Бугарија, во Пловдив била преставена современа македонска графика и таа ја посетила таа изложба и се сретнала со кустосите Захраинка Алексова и Соња Абаџиева, уште тогаш сакала и имала желба да се врати во Македонија. Им ја раскажала историјата и им рекла: јас морам да го остварам својот сон, да се вратам во Македонија и да починам во Македонија. Тоа и се случило во 1995/96. Во 2002 година се одржала изложба, прва изложба во Македонија во Музејот на Македонија од дела на Кераца Висулчева, потоа во 2003 во МАНУ се одржала поголема изложба од околу 77 слики од Кераца, а во 2004 година Киро Глигоров и Министерството за култура ги донеле делата во Македонија и се грижеле за сите слики“, додаде Бојческа.

Ајде да погледнеме дел од нејзните дела поставени во оваа изложба!

„Еве ќе почнеме од почетокот, сликите овде сите се масло на платно, 38 слики се. Првите се во Франција сликани, психолошкиот третман е најмногу застапен во овие личности, потоа е сликана Кераца со нејзиниот син, оваа е нејзнина внука балерина која беше дојдена овде во Сарајот пред неколку години, професорка е по балет во Холандија и рече дека и тешко и криво што нема слика спомен од нејзината баба бидејќи сите слики се подарени на државата“, рече Бојческа.

Едно од покарактеристичните дела што се поставени во оваа изложба е нејзиниот автопортет кој може да се види од самата слика. Сликан во 1988 година и Кераца се нацртала себе сѝ во народна носија?

„Да, народна носија од Костур, значи костурчанка. Овде карактеристика за овој портрет е облеката, накитот, појасот, Кераца била по потекло од имашливо семејство, значи затоа семејството нејзино пребегало во Бугарија. Од 7 деца останале само 4, а по завршување на балканските војни таткото нејзин и покрај сиромаштијата подарил 10.000 златни лири и добил орден за милосрдие. Значи со овие елементи што ги има на себе се гледа дека Кераца била од имашливо семејство од Костур, секој ваква облека не можел да носи“, вели Бојческа.

„Сензибилитетот е прикажан во овие дела на капачите во бањите во Бугарија, претежно се овде топли нијанси, сино, сиво кафеаво, бело, најмногу посветува внимание на доблестите на сликарството, значи на формата, на нијансите на бојата и на содржината на делата насликани. Не станува заложник на содржински идеолошки диктати, сите овде портрети и другите слики се различни, значи има насликано повеќе жанрови, не само портети или само мртва природа. Слика претстави на современа уметност и повеќе дела. Овде ќе ги видите нејзините пофалници и медали каде што одела секаде како студиски престој, престојувала во повеќе земји, во Белгија најмногу, во Франција, во Италија, во Полска, во Грција. Секаде каде што одела добивала награди и признанија за нејзиното творештво, медали и пофалници“, раскажува кустосот Бојческа.

Тука се наоѓаме пред едни 2 дела кои се сликани во нејзиниот творечки период кога таа била во Париз. Тука можеме да го погледнеме дури и театарот „Мулен Руж“?

„Да, значи урбани сцени, од театарот „Мулен Руж“ во Париз. Таа е една од нејзините поголеми слики, исто така масло на платно. Ова е куќата во Друго во Франција, во Париз, каде се одвивал ноќните живот во Франција, каде се собирале поети, писатели, сликари, боемскиот живот се одвивал. Сите овие слики се насликани, седнувала на земја со палетата, боите, со сликите и сликала“, вели Бојческа.

„1980 година, по една деценија се враќа во родното село, затоа на сликите може да се забележи дека меланхонијата е изразена најмногу. Нестра, или питачко село, каде луѓето питачеле, во Костур, во зима го има насликано, „Моето родно село“. Бугарите ја објавуваат дека се нарекува Македонка, а Кераца велела дека не се нарекува Македонка – „Јас всушност сум Македонка“. Добила државјанство од Македонија во 1994 и во 1995 конечно се преселила во Македонија“, ја објаснува поставката Бојческа.

Се наоѓаме пред еден портет на поранешниот претседател на Македонија, господинот Киро Глигоров. Всушност ова преставува нејзиното последно дело?

„Ова е нејзино последно дело, неколку портрети има направено од Киро Глигоров, ова е нејзинот последно дело, бидејќи тој најмногу овозможил со Министерството за култура да се вратат делата во Македонија, бидејќи таа ги поклонила сите на Македонија. Ова е последно дело и не е завршено, бидејќи се разболила и починала. 2001 година е сликано, на 92 годишна возраст, значи активно творела. 2002 во Музејот на Македонија има изложба, 2003 во МАНУ и повеќе дела нема, творештво друго нема. Најважно е што во 2004 година, на 13 јануари, до тогаш значи творела, се разболела и починала во Скопје и ѝ се остварил деценскиот сон да се врати во Македонија и била најсреќна бидејќи се вратила во Македонија“, истакна Бојческа.

Како работи оваа изложба во текот на неделата и кога и како посетителите можат да ја посетат?

„Изложбата работи од понеделник до петок, од 8 до 16 часот, меѓутоа јас доаѓам и со најави, можам да дојдам и во сабота или недела ако има некоја странска делегација. Значи отворам и во сабота и во недела, не е проблем, а инаку работното време е од понеделник до петок“, потенцираше Бојческа.

 

Сарајот со своите поставки е постојано посетуван од голем број гости од странство. Идејата е во иднина сите тие туристи кои застануваат тука да бидат пречекувани од туристички водичи кои потоа ќе ги прошетаат низ сите знаменитости во Преспа.

 

Дали слободно може да се влези во самиот дом на култура, да се разгледаат просториите или се наплаќа некаква влезница на туристите?

„Ние како Дом на култура немаме право да наплаќаме влезница затоа што кога ќе има некоја поставка или изложба од активности на Домот на културата, туристите можат слободно да дојдат и да гледаат тука, да продефилираат. Кога би се средило како што треба, да се дојде тука да се посети, да се види, па потоа да се замини на некој друг локалитет, како што споменав постојат  95 цркви, како што е Св. Ѓорѓија во Курбиново која датира од 12 век, потоа Сливничкиот манастир од 17 век, Св. Илија во Грнчари, Св. Петар на островот Голем град од 14 век. Зградата на Сарајот е дел од сите овие културни комплекси кои навистина вредат и вреди да бидат тука посетени од туристите, посебно во летниот период“, рече Васко Василески, директор на Домот за култура „Драги Тозија“.

 

Токму еден од проектите кои се поддржани од Министертсвото за култура, а се неменети за развој на туризмот е проектот „Креаитивна Преспа“, каде млади талентирани деца и дечиња со посебни потреби изработуваат од глина разни знаменитости од овој крај, меѓу кои и Ресенскииот сарај и потоа на нив ќе бидат поставени магнетии и ќе се продаваат на туристите.

„Преспа изобилува со природа, природни убавини и историја, со вредни културни споменици и е расадник на таленти. Овој проект „Креативна Преспа“ започна како идеја да ги промовираме токму овие културни споменици кои сепак допринесуваат за развој на туризмот  и една валоризација на уметничките дела. Ние направивме 5 креативни работилници каде твориме, тука се собрани деца, млади, возрасни, повеќе и помалку професионални и ова не е случајно, сите сме различни. На некои им треба помош, мала мотивација, некои работат самостојно и баш е целта да се направи една инклузија меѓу сите нас, да соработуваат, да творат заедно и на тој начин да се создадат едни трајни сувенири. Се надеваме дека тие и понатаму ќе останат да се работат за една промоција на нашата Преспа и токму на овие културни споменици. Се надеваме дека тие ќе бидат во иднина продажни и дека ќе може да продолжат со тоа што ќе изработиме и еден туристички водич со сите овие знаменитости и ќе може да ги понудиме и нашите дела“, кажа Марија Груевска Томовска, автор на проектот.

Преспа и нејзините убавини, вклучувајќи го тука и Ресенскиот Сарај, продолжуваат да бидат едно од најпосетените места од страна на туристите во нашата држава, затоа што тука навистина има што да се види.

Ова видео е дел од рубриката Збор 2 на порталот Инфо Компас, поддржано од Министерството за култура, во програмата од национален интерес во културата, од областа на музејската дејност и заштита на нематеријалното културно наследство, за 2022 година.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи