Долготрајни аплаузи за концертот на „TRIO DOLCE“ во Рим


Триото од Р. Македонија во состав: Светлана Богданоска Ристоски – флејта, Андријана Дукоска – виолончело и Марија Шамоска Буџаковски – пијано, одржаа целовечерен концерт на реномираниот фестивал „Muzikale delle nazioni – Concerti del Tempietto”, во Рим, Италија. Членките на триото изјавија дека се посебно среќни на поканата за учество на Фестивалот, во организација на г-дин. Анџело Филипо Ј. Себастианини, уметнички директор на Associazione culturale il tempieto, како и за реализацијата на овој концерт.

Фестивалот се одржува од јуни до декември на кој учествуваат познати музички имиња во класичната музика од цел свет.

„Ова беше незаборавно искуство за нас, бидејќи имавме прилика да концертираме во прекрасниот амбиент на римскиот Teatro di  Marcello, пред одлична публика  која нè почести со долготрајни аплаузи и овации „bravissimo“. Сето тоа придонесе нашиот концерт да се реализира на високо професионално ниво на наше огромно задоволство“, изјавија членките на триото, веднаш по завршувањето на концертот.

На концертот беа изведени дела од: Farrenc, Weber, Piazzolla, Brahms, Monti, а премиерно беше изведено македонското дело „Дојранка“ од композиторот Трајко Прокопиев, во аранжман за овој состав.

„Се радуваме што достојно ја претставивме нашата држава, Р. Македонија во светски рамки, се промовиравме како уметници и секако, ја промовиравме македонската музика. Организаторот на фестивалот г-дин. Себастианини ни најави долготрајна соработка во иднина, за реализирање на нови и уште поуспешни проекти“, истакнаа од Трио Долче.

Овој музички состав има освоено повеќе меѓународни награди и тоа: Прва награда – LAUREATЕ на Меѓународниот уметнички фестивал  во Италија – Future Stars на фондацијата Sopravista International Festival – Contest, во категоријата Инструментална музика.  Втора награда на Меѓународниот музички натпревар во Москва, Русија –  International Moscow Music Online Competition. Во месец декември 2021, на International Online Contest ,, Prometheus “- Италија, триото ја добива Првата награда – LAUREATE, во категоријата Инструментална музика.

Трио Долче се радуваат на сите идни заеднички музички доживувања кои со огромно задоволство ги пренесуваат на својата публика во државава, а сега и надвор од неа. Тие активно концертираат во многу градови низ нашата држава. Во нивниот изведувачки опус се опфатени композиции од сите стилски епохи.

„Заедничкото музицирање, без разлика дали се работи за проби, концерти или учество на натпревари, за нас најпрво е уживање. Нашите различни карактери и темпераменти прават кохезија која секој нареден пат нè носи на различно патешествие, преку она што е парче од нашиот идентитет, а тоа е музиката“, додаваат од триото.

Оваа година, поддржани од Министерство за култура, одржаа концерти во Валандово и Велес, а во месец септември ќе одржат концерт во „Св. Софија“ – Охрид, во чест на Јубилејот на Митрополит Дебарско – Кичевски, г-дин Тимотеј.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи