ВИДЕО – Спелеологот Неданоски ја запиша Македонија во книгата на рекорди и постави нов државен рекорд


Дарко Неданоски од Прилеп ја запиша Македонија во книгата на рекорди и го постави новиот државен рекорд во слегување во некоја пропаст. Неданоски како дел од меѓународната експедиција, која се одвиваше на Канин планина, која што се наоѓа на границата помеѓу Словенија и Италија ја истражуваше пропаста „Скраљево брезло“ и се спушти да длабочина од – 1.200 метри.

„Огромна чест и задоволство ми претставува да ви соопштам дека Македонија офиициијално за прв пат во историјата на македонската спелеологија се наоѓа во книигата на рекорди. После 6 денови поминати во мрак, влага, ниски температури и екстремно тешки услови за работа ја завршивме една од попредизвикувачките, ако не и најпредизвикувачката експедиција од сите во моето досегашно искуство во подземниот свет со која успеав да поставам и нов државен рекорд како единствен Македонец, спелеолог, кој се спушти на – 1.200 метри под земја“, вели Дарко Неданоски, претседател на Спелеолошката федерација на Македонија.

Пропаста „Скраљево брезло“ досега е истражена до 1.200 метри, а се претпоставува дека е длабока 1.900 метри и целта на оваа мисија беше да се пробијат тие преостанати 700 метри. Во оваа експедиција се потврдило дека каналите продолжуваат и под 1.200 метри, дел од нив се отвориле, што се уште ја држи отворена тезата дека ова е потенцијално најдлабоката пропаст во Европа. Неданоски опишува колку било тешко истражувањето внатре во екстремно тешки услови 6 дена без воопшто да излегуваат на површината.

„Низ целава експедиција ме води адреналинот и возбудата од тоа што е следно да се види и проживее секоии следни 200 метри како што слегуваш во длабочина. Не можеш ни да размислуваш на услови бидејќи услови во подземниот свет нема. Мрак, ниски температури, кога мислам ниски, мислам на температура која што е континуирано од 1,5 до 2,5 целзиусови степени, облеката ни е константно мокра, храната ладна, но сепак ја загреваме. Спијаме, но условите за спиење се тешки, бидејќи времето не ни е ориентација, спиеме тогаш кога се чувствуваме премногу заморени и тоа само по неколку часови. Но сепак енергијата беше на високо ниво, и сите имаме иста цел да се истражуваме и да се спуштиме што е можно подлабоко“, додаде Неданоски.

Неданоски е докажан спелеолог, спасувач, иструктор и претседател на Спелеолошката федерација на Македонија. Претходно македонскиот рекорд беше -950 метри, а го имаше поставено исто Неданоски. Тој се надева дека повторно ќе има прилика да оди на експедиција „Скраљево брезло“ и да се се спушти на длабочина од 1.900 метри.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи