ВИДЕО – Поречки ракотворби сѐ од волна – документарен филм


Проект „Поречки ракотворби сѐ од волна“ е поддржан и влезен во годишната програма за 2022 г, на Министерството за култура на С. Македонија и е од национален карактер во културата. Истиот е во реализација на Општинската установа, Дом на култура-Македонски Брод од Македонски Брод, како автор се јавува Милена Стојческа, етнолог, раководител во Домот, а истиот е во продукција на Инфо Компас ( www.infokompas.com.mk ). Со овој документарен филм се сака да се зачуваат и одбележат последните живи мајстори во преработката на волната и нејзина преработка, а со тоа што се се можело да се направи од таа чудесна суровина. Филмот е изработен во два дела, едниот посветен на Долно, а другиот на Горно Порече.

ПОРЕЧКИ РАКОТВОРБИ СЀ ОД ВОЛНА – 1 ДЕЛ – ДОЛНО ПОРЕЧЕ

Областа Порече која се наоѓа во срцето на Македонија, по течението на реката Треска и тоа во горниот тек се нарекува Долно Порече, а во долниот тек на реката се нарекува Горно Порече, со површина од околу 888.97 км2, каде живеат Брсјачката група на народи, околу пет илјади жители со пописот во 2022 г. Во Долно Порече ги посетивме населените места: Долни Манастирец, Томино село, Крапа и Сланско, а додека во Горно Порече селата: Брест, Звечан, Самоков, Лупште, Белица и Црешнево.

Инаку во Доно Порече спаѓаат селата од Ижиште до Манастирец и Томино село, а додека во Горно Порече, кое се протега во долниот тек на реката Треска, се селата од Модриште па се до Волче и Здуње.

ПОРЕЧКИ РАКОТВОРБИ СЀ ОД ВОЛНА – 2 ДЕЛ – ГОРНО ПОРЕЧЕ

Педесетината села се како нанижени бисери од левата и десната страна на реката, а гратчето Македонски Брод важи за главна економска, административна, образовна и културна урбана средина. Порече постоело низ вековите, а доказ за тоа се трагите сочувани до ден денес од цркви и манастири, тврдини од времињата како и археолошки локалитети, но и стари монети од античкиот, византискиот, римскиот, османлискиот период, па се до денес. Главна дејност од секогаш на населението било сточарството, а пред се овчарството. Затоа волната е главната суровина од која се правело буквално се.

Според големиот број на исткаени, исплетени и други видови на преработки од волна се карактеризирал и сталежот на секое тогашно домаќинство, а сето тоа пак зависело од вредните раце на поречките жени, мајки, баби и моми. Тие неуморно и без здив ја обработувале волната најчесто на светало и кандило во ноќите, а  најмногу во зимските месеци кога друго неможело надвор да се работи. Својата умешност, снаодливост и вештина ја пренесувале во боите и шарите на килимите,  веленцињата, везовите на кошулите и саите на народните носии, волнени скутници, торбите за канење за на свадба, чорапите за зетот, крштевањето на новороденчето во ткаена шарена пелена, специјалните шарени килими за коњите од невестата и зетот, даровите за свадба и многу други изработки онака со мерак и голема љубов кон саканите.

Волната пред се ја стрижеле од овците со специјални ножици во пролетниот и летниот период па ја переле по реките и потоците. Така испрана ја сушеле по карпите и плотовите и ја суредувале. Кога ќе им потребело волна тие земале од перената волна, ја чешале со чешли метални, ја носеле на влачара за влачење и се добивале кадели. Секоја кадела требало да се стави на урка направена од дреново дрво и со вретено ( од леска ) се преде волната во жици, а дебелината на жицата зависи што треба да се ткае според потребите на домаќинството.

Од вретеното преѓата се сука на летка ( леска ), па потоа се мота на мотоило за да може преѓата да се попари со врела вода и да не се отсукува преденото. Така на мотоилото се суши на сонце или покрај оган, па се вади од мотоилото и ако треба да се плетат половери, фанели, чорапи , скутници, да се ткаат или веленциња, преѓата се фарба со боја на бојаџија, а понекогаш ја фарбале и дома со природни бои како што се на пример сочанци од ореви, јасен, комина од вино и многу други техники.

За да се ткаат ќилими преѓата од мотоилото се ставала на родан и се виткала во клапец, онака бела, па откако ќе се исткаело, килимите се бележале со конец во боја онаков како што сака донаќинката и ги носеле на валајца.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи