Во недела концерт – „Кој тоа чука на Врбјанска Чука?“


Завршија годинешните истражувања на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука во Пелагонија. Традиционално при крајот на ископувањата, Центарот за истражување на предисторијата заедно со Прилепскиот џез викенд организира концерт со цел да го афирмираме овој особено битен локалитет. Оваа недела, на 28-август во 19:00 часот, во рамки на археолошката сонда ќе се одржи перформанс во кого ќе се создава музика со свирење на археолошки алати и барабани. Концертот, насловен како „Кој тоа чука на Врбјанска Чука?“, ќе се концентрира на создавање ритам инспириран од звуците при археолошките истражувања и од сознанијата добиени преку проучувањата на луѓето што живееле во оваа неолитска населба.

Овогодишните истражувања, а кои се одвиваат веќе 7-ма година, насочени се кон последните етапи на неолитската населба. Главната цел на проучувањата беше да се види како нејзините жители живееле пред таа да биде напуштена и дали овие форми на живот се разликуваат од оние во почетоците на оваа населба околу 6.000 година п.н.е. Поради тоа, научната работа беше насочена на архитектурата и материјалната култура од овие крајни фази во периодот околу 5700 година п.н.е.

Во рамки на овие мултидисциплинарни истражувања, а во кои учествуваа стручњаци и студенти од Македонија, Германија, Швајцарија, Италија и Србија, се открија остатоци од повеќе градби обновувани во неколку фази, како и фрагменти од садови, жртвеници, фигурини и алатки кои укажуваат на динамичниот живот на неолитските луѓе во последните етапи од населбата.

Овие проучувања, кои се во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата, Завод и музеј – Прилеп и Универзитетот во Базел, продолжуваат и понатаму со кабинетски анализи на археолошките наоди и органските остатоци, а кои ќе се публикуваат во повеќе научни списанија. Теренските и кабинетските истражувања се финансиски подржани од македонското Министерството за култура и Фондот за истражување и заштита на предисториските тумби од Германија“, велии Гоце Наумов, од Центар за истражување на праисторијата, раководител на истражувањата на локалитетот Врбјанска Чука.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи