ВИДЕО – Последните хероини на Порече


И додека денес целата наша облека, постелнини, разни покривки, теписи, завеси и други текстилни производи, може многу брзо и едноставно да ги набавиме од најблиската продавница, тоа не било воопшто така лесно во минатото. Сите овие работи кои претходно ги наброивме морале да бидат рачно произведени од вредните раце на домаќинките. Продавници тогаш немало.

Во домот за култура во Македонски брод беше промовиран документарниот филм „Поречки ракотворби сѐ од волна“ поддржан од Министерството за култура, во кој што се обработени 10-тина села од овој крај, а авторот на проектот, етнологот Милена Стојческа, разговараше со едни од последните хероини на Поречието кои знаат да го пренесат знаењето за тоа како порано се живеело и како се изработувале сите овие производи од волна без која практично и не можел да се замисли животот.

„Голема желба и мерак ми беше, да се покажат во едно убаво светло сите оние изработки што отсекогаш ги работеле, нашите баби, мајки, сестри и јас една сум од тие што затекнав, јас не сум работела, но ги затекнав, мојата баба и мајка, како сноат, како ткаат и како на сето тоа му се даваше големо значење. Но денеска сето тоа некако воопшто не се употребува и сакав да биди како еден вид на музејска збирка што ете младите генерации воопшто и не знаат што се се правело од волната. Бидејќи чувствував дека генерациите заминувааат и доаѓаат само нови генерации што воопшто не го вреднувале трудот на нивните баби и дедовци, ткаенините се расфрлаат, не се соодветно чувани, мојата идеја се оствари со овој документарен филм да им покажеме на младите дека се уште има желба кај повозрасните луѓе да ја пренесат традицијата и изработката на сите тие ракотворби се од волна, на нивните внуки и снаи. Мислам дека тоа се последните херои кои ја обработувале волната, што знаеле како се снои, како се ткае, како се преде, како се вала, како се фарба. Буквално со овие стари дами, стари жени, што се веќе последните херои кои ја исткале волната, заминуваат во историјата на еден така убав временски период кој веќе завршува“, вели Милена Стојческа, етнолог, автор на проектот и раководител во Домот за култура во Македонски Брод.

Овој документарен филм е еден музејски експонат кој за трајно ќе го зачува начинот на живот во минатото и ќе им покаже на идните генерации, што е урка, вретено, родан, мотоило, брдилки, разбој, како се плети, како се снои и слично.

„Ова е урка, еве вака предеме. Ова е вретено, на горе вака го сучиме и кога ќе го испредеме го ставаме, па ќе го ставиме на мотоило, ќе го попариме со вода, па ќе собереме вака клапец, па ќе плетеме вака од чорапиве, еве вака со волна ги плетевме. Кој сака ќе ги вапца, кој не вака бели ги остава. Ете имам и други, е вака се мачевме ние, чувавме овци и порано се со волна се работело, а сега се е купено. Ќе предиме, кој како може и кој колку има. Потоа го ткаевме, па брдилки, па разбој, брдилките ги клаваме во разбојот, па има за седење, има се.

Ноќе преди, ноќе ткај, дење се имало работа, се имало овци, се одело по трлата, ги молзевме овците, па кога ќе си дојдеме го греевме млекото, па цеди го. Си сака работа и тоа, не е така, работи, оди со котли да носиме млеко, па ќе го покриеме да не го навее ветрот млекото пресно, па кога ќе си дојдеме дома го греевме, па ќе го потквасиме, сето тоа се прај за да се среди за јадење, за носење сирење и повеќе ноќе преди, на ламба, на струја, нема време дење. Дење сме трчале по работа, сме жнееле, копале, саделе, деца повеќе, жетви, ќе не остават да вршиме на гумно, па да го вадиме житото. Кокошки имаше порано многу, а сега нема ништо од такви работи, дворовите празни се.

Вака ќе ги испредеме, овде ќе го анамчиме, ќе го навиткаме и овде вака ќе го анамчиме, инаку ќе падне, нема да стои, мора така да е анамчено. Ете вака волната ја предеме, ја правиме волната во Кичево, таму имаше машини за млатење волна. Па ќе трчаме, преку планина ќе одиме со коњи за Кичево ние од Томино село, па ќе чекаме да ја направат, па радосни, ајде земат урки, преди, ткај, едни преди, други ткај, така животот врвел. Сега ништо, израснаа и побегнаа и јас еве сум сама сега. Ете така предеме ние, можиме вака да го наполнеме вретеново па на мотоило ќе го мотаме.

Сега овде ќе го ставиме вака, ќе го врзиме да не излегува, инаку ќе излези мора вака да го врзиш и ќе се почнеш вака да си правиш од вретеното на мотоило, ќе го моташ, ќе го моташ, ќе го намоташ убаво и ќе зовриеш вода да го попариш да си стои право, да не се сучи. И така ќе ткаеме од него, зависи за што е, некое потанко, некое подебело, па ќе преминеме на другото за да се направи едно да биде, рамно. Ќе го извадеме потоа од водата, ќе се исуши и собери во клопец, па преди, плети. Нема што да правиме друго, чорапи, скутници, веленциња, ткај дипли, какви не имав, ама ги давав на децата, што ќе ми се мене да ги чувам. Ете така, ова се вика мотоило, ќе го намоташ и вода ќе зовриеш, па вака ќе направиш со ова. Сега со вода се пари, ќе се исуши, па ќе го извадиш вака, ќе го исушиш и на раце после ќе го држиш, па еден ќе витка, еден ќе држи, така оди ова со мотоилово“, раскажува Рада Маркоска, жител на Томино Село.

==================================================================================================================================

 

„Овие ќилимиве твои се, ти си ги работела?

„Јас сум ги ткаела, кога ја предев основата дебела, јатокот, јас брзо преди и ми вика мајка ми од каде ќе излегува таа основа. Јас велам јас ќе ги предам, јас ќе ги ткаам низ нишки и низ брдо“, рече Савка Момироска, жител на село Крапа.

Ова е јамболија со долги влакна?

 „Со долги реси, овие реси посебно ќе ги поминиш, јатокот ете ќе поминиш, па потоа ќе ги ставаш ресите ќе ги редиш по брдото“, кажа Момироска.

Ова вакви овци имавте или?

 „Вакви, црни имавме“, вели Момироска.

 А ова е фарбано?

„Тоа го фарбавме во вапцара да биде украсена вака, да не биде само една, црна“, додаде Момироска.

А овој ќилимот?

„Тој ќилимот мајка ми кога ја земале невеста, баба ми го ткаела. За мајка ми, тогаш на невестите им давале“, кажа Момироска.

Значи ова е невестинско?

„Ова е невестинско и го дала баба ми, кога дошла невеста. Од мајка го чувам и така стои“, рече Момироска.

 Ова за деца покривање?

 „Покријалче за деца, на крштевка кога ги носеле“, вели Момироска.

 Значи посебно за на крштевка?

 Да.

 Каде ги крштевавте децата?

„Овде в село имаме Св. Никола. Ова го носеле, покриено детето кога ќе дошол кумот, завиено да биде со ова. Како сега со кебињата, со ова тогаш така“, раскажува Момироска.

Славка сега да ни кажеш, твоите вредни раце неуморно и ден денес предат, плетат и ти од мерак иако немаш овци имаш зачувано волна, неиспрана. Сега што ќе и правиш на волната?

 „Ќе ја исперам, ќе ја извлачам и ќе си сплетам стапалки. Ќе ја извлачам, ќе предам, на мотоило ќе ја мотам, па ќе ја перам во водава топла, со сапун за да омекни, со поврела вода волненово сака да го натуриш, врела вода за да излези сапуницата“, вели Момироска.

За да биде бела вака, убава?

 „Со сапун, во сапуница ќе ја накисниш“, додаде Момироска.

 Самоварен сапун?

 „Да, самоварен. Прашак ако му туриш ќе го стегни и ќе биде тврдо. А волнава треба мека да биде, потоа ќе го натуриш со вриена вода 2 пати за да излезе сапуницата. Ако го оставиш во ладна вода пак ќе се стегне од сапунот. И тука има марифет и во волнава“, вели Момироска.

 Ти имаш сплетено машки и женски полувери, фанели, за внуките, за брат ти?

 „За сите, кој ќе дојде да биде облечен, да не му студи“, вели Момироска.

 Ова поцрниов е посебен елек?

 „Посебен елек, така малку модерен, некогаш во празник кога ќе облечеш некој елек на некој фустан, ако е широк да го собери. Ако одам вака непроменета, инаку се модерам кога одам“, кажа Момироска.

 Шарките?

 „Шарките се разни, и пелтките исто така“, потенцира Момироска.

 Ова е посебна оваа плетка, што е ова, како се вика?

 „Да ти кажам не знам, рибја коска. И тоа е слично на рибја коска. 3 котелци, 2 прави, 3 котелци загинати и од таму нафрлени и два пати ќе поминеш право и пак и ќе си правиш. Исто и џепчиња на сите им ставам, за пари да си ставиш, рацете да ги ставиш да ти се стоплат, за Велигден јајце, костени за Божик“, вели Момироска.

 

За сето ова да се испери, некогаш немало машини за перење на алишта, туку сите овие работи се переле на валајца.

 

„Јас сум Врчакоска Вера, еве овде перам во ќилимарава, оваа е наша. 1945 сум родена во Белица, тука и мажена кај Врчаковци. Врчакоски Душан ми беше свекор, Миле ми беше сопруг. Вака периме овде во ќилимарава. Еве периме сега јамболии“, вели Вера Врчакоска, жител на село Крапа.

 Како се пери?

 „Ќе ги натуриме со прашак и ќе ги ставиме во ќилимара, водата ја пуштаме, врти и тие се перат. Кога ќе се исперат тие паѓаат долу“, додава Врчакоска.

 Колку време се пери ова?

 „Па зависи, ако се помалку за еден саат, ако се повеќе од саат и пол до два. Потоа ги вадиме тука, ставаме даски, ги оставаме да се исцедат па ги носиме по скала. Ги носиме по скала горе, па ќе ги спружиме да се сушат еден ден или два, зависи какво е времето. Потоа тој што ги донесол ќе дојде да си ги земи испрани“, истакна Врчакоска.

 ======================================================================================================================

  

Тетко Данице ова е невестинската народна носија? Оваа ти ја носеше за свадбата твоја?

„Да“, одговара Даница Велкоска, жител на село Крапа.

 Која година се мажеше?

 „1959 година“, рече Велкоска.

 Оваа исто така е изработена цела од волна?

 „Да“, вели Велкоска.

 Ти ја правеше?

„Да да, јас ја ткаев. Татко беше терзија и тој ја шиеше“, кажа Велкоска.

 А ова се купуваше?

 „Тоа го купувавме, а ова вака јас си го правев“, додаде Велкоска.

 Сега ќе ни ги кажеш деловите на народната носија. Значи почнуваме од кошулата.

„Кошулата беше исто така, ама тогаш ми загина платното и купечка е оваа.  Клашеникот јас си го правев“, вели Велкоска.

 Овие како се викаат?

„Тие се предниците на плаштеникот, за убаво, за лично за невеста кога ќе биде. Тоа е коланче, наместо од назад, од напред, на скутината. Таа е гура“, кажа Велкоска.

 Таа е гура, или гушниче?

„Ние гури ги викавме. Тоа е турбин за на глава“, истака Велкоска.

 За невестата на глава да и стои?

„Венец за на глава, пофит плетен, зелен“, вели Велкоска.

Да се надеваме дека ова народно богатство и понатаму ќе се пренесува од генерација на генерација и дека како народ нема да ја заборавиме нашата традиција, култура и историја.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи