ВИДЕО – Поради лошиот пат Итната помош не доаѓа до с. Рилево, болните мора да ги носат до соседно Ропотово


Итната помош не може да дојде во селото, доколку некој има потреба од лекар, сожителите со свои возила мораат да го однесат до соседното село Ропотово, каде има асфалтен пат и каде пациентот може да добие прва помош од лекарскиот тим. Леб им носат само 2-3 пати во текот на неделата и тоа со големи молби, а такси возило доаѓа само ако платат енормно висока цена. Вака како пред 100 години живеат преостанатите 60-тина жители од долненското село Рилево, до кое се стигнува по крајно лош земјен пат долг околу 4. км кој за да се помине со возило потребно е околу 20 до 30 минути поради огромните дупки.

Во брза помош кога има потреба некој ќе се јави и од таму кажуваат дека в село не можат да дојдат, до Ропотово донесете го човекот и од таму ќе го земиме. Се снаоѓаме накако, тоа драгоцено време е тогаш, не викаме од должност брза помош, викаме од потреба. Отсечени тотално. И лебот што го носи го молиме да иди, не му се исплати по овој пат да крши возило за 30 леба“, вели Стојан Мирчески, жител на село Рилево.

Жителите велат дека  се комплетно отсечени од светот, а никој не сака да им помогне, иако помош барале и од локалната и од централната власт, велат политичари кај нив доаѓале само пред избори.

Кога ќе појдиме таму да се жалиме, велат ќе биди, ќе го направиме. До ден денес нема дојдено никој. Еве јас тука сум 8 години, 3 градоначалници се сменија и итото го кажуваат, а никој не дошол да помогни“, вели Стојан Јосифоски, жител на село Рилево.

Велат дека токму поради оваа ситуација селото умиира, а младите под вакви услови не се враќаат ниту за викенд.

Старечко население, денес еден, утре друг, да се доиспусти. Ова село постоело многу одамна, многу постаро, со многу население, многу луѓе, многу стока, еве сега до каде не догураа овие наши несватливи политики“, додаде Трајан Ѓорѓиоски, жител на село Рилево.

 

Овој закон што е, сите младите ни ги избрка од селава, ова не е закон, ова е ништо. Никаков однос за селото нема, без пат, без такви услуги не може да се живее овде и затоа е до тука дојдено селото наше“, истакна Бранко Трајчески, жител на село Рилево.

Од Општина Долнени пак велат дека наскоро ќе ставеле тампон на патот, но за асфалт немало пари. Велат за тоа треба да помогне државата. Имале поднесено проект до Бирото за рамномерен регионален развој, но одговор засега нема.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи