ВИДЕО – Вечерва се одржа концерт на КУД „Мирче Ацев“ по повод 75 години постоење на друштвото


Вечерва во домот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп КУД „Мирче Ацев“ од овој град го одржа својот јубилеен концерт по повод 75 години постоење на друштвото. Како куриозитет може да се каже тоа дека КУД „Мирче Ацев“ е за 2 години постаро дури и од националниот ансамбл Танец. Друштвото е формирано во далечната 1947 година, во месец април, на иницијатива на работниците во прилепскиот Тутунски комбинат во Прилеп, но потоа во иситото можеле да се придружат и да членуваат и луѓе кои не работат во Комбинатот. Денес тоа е еден од најдобрите промотори на нашиот фолклор низ светот.

„Презентирање на традиционаните игри и песни буквално на сите континенти на светот, може да се пофалиме дека сме едно од постарите културно уметнички друштва во Македонија. Ние сме Друштво кое може да се гордее со овој јубилеј, ние сме амбасадори кои навистина достојно ја презентираме традиционалната носија, игри и песни. Се надевам дека овој континуитет ќе опстојува, здравје Боже да си дочекаме и 100 години јубиилеј“, истакна Горан Василески, претседател на КУД „Мирче Ацев“ – Прилеп.

Инаку одбележувањето на овој голем јубилеј започна уште вчера во фоајето на Центарот за култура со изложба на фотографии и видеа поврзани со Друштвото од неговото основање до денес. За овие 75 години досега во друштвото поминале над 4.000 членови. Младите кои сега се дел од ова друштво велат дека се особено горди што ја презентираат македонската култура и фолклор насекаде низ светот.

„Почнав од мои 7 години да доаѓам тука и се појави некоја љубов во мене и ме исполнува нештото кога ќе играм. За мене е нешто непроценливо убаво, тоа е моја прва љубов во животот кон играорната и планирам дури можам и дури ме држат нозете да играм. Имаме многу богат фолклор, имаме и деца кои играат, имаме многу добра музика и носии и сето тоа е убаво само да има луѓе кои ќе го претстават тоа во и надвор од Македонија за да види народот што имаме ние, што ни останало од постарите“, рече Филип Талески, член на КУД „Мирче Ацев“ – Прилеп.

 

„Нашиот фолклор секаде се смета како многу значаен, во сите држави каде што досега сме гостуваале секогаш со гордост сме го претставувале фолклорот, секогаш ни се восхитувале на нашата носија, на нашата игра, на ритамот, на македонскиот фолклор“, додаде Елена Николоска, член на КУД „Мирче Ацев“ – Прилеп.

За овој значаен јубилеј пред публиката се претставија и гости од Србија.

„Ние сме повеќе години пријатели со КУД „Мирче Ацев“ – Прилеп, тие беа кај нас пред неколку години и ние бевме тука пред 5 години, еве сега повторно се дружиме со нив и ја чуваме традицијата. Убаво е што се запознаваме со други луѓе, ја чуваме традицијата, се дружиме, многу е убаво“, рече Тијана Јуришиќ, КУД „Змај“ од Ириг, Србија.

Токму овие културно уметнички друштва и овие млади луѓе се доказ дека македонската традиција и фолклор се се уште живи и дека и понатаму ќе се пренесуваат од генерација на генерација.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи