Локалната Акциона Група АГРО ЛИДЕР како организација на која стратешка цел и е промовирање и достигнување на родова еднаквост во руралните средини, ги насочува своите активности кон анализа на степенот до кој имплементацијата на локалните програми и буџетот на Општина Кривогаштани ја интегрираат родовата перспектива, проследено со анализа на приоритетите на граѓаните на општината, идентификување на предизвици и давање на препораки за креирање на родово-специфични програми, политики и интервенции кои најдобро може да ги адресираат и елиминираат родовите разлики на локално ниво.
Нашето законодавство и политиките на државата се насочени кон еднаков третман за мажите и жените, и обезбедување на еднаков пристап до можностите и придобивките во општеството како основа за почитување на фундаменталните човекови права и достигнување на родова рамноправност.
Како појдовна точка за промовирање на родова еднаквост е креирање и примена на темелни, ефективни и ефикасни јавни политики, што подразбира долгорочна посветеност, холистички и специфичен пристап во интегрирањето на родовата перспектива при дизајнирањето на јавните политики и програми на национално и локално ниво.
Единиците на локална самоуправа – општините во Република Северна Македонија се важен фактор во процесот на обезбедување на еднаков пристап до можности и услуги за жените и мажите на локално ниво. Општините се уникатно позиционирани и се клучни актери во процесот на правично, инклузивно, ефикасно и ефективно владеење, односно доколку градиме општество засновано на еднаквост, клучно е единиците на локалната самоуправа во целост да ја земат предвид родовата димензија во нивните политики, организацијата на нивната работа и практиките.
Општина Кривогаштани цели да ги почитува и исполнува обврските и надлежностите на општините во врска со вградување на родовиот концепт во нивното уредување и спроведување на планови, програми и буџети кои се уредуваат во неколку клучни закони: Закон за локалната самоуправа, Закон за еднакви можности на жените и мажите, Национална стратегија за родова еднаквост, Закон за финансирање на единиците за локалната самоуправа, Стратегија за воведување на родово одговорно буџетирање, и останати секторски политики и програми.
Во развојната програма за општина Кривогаштани за 2022 година иако не е потенцирана родовата одговорност, сепак планираните активности се родово одговорни како на пример во развојната програма за уредување на градежно земјиште е вклучен принципот на родова еднаквост и е водено сметка за потребите и навиките на мажите и на жените во локалната заедница. Притоа, во програмата е предвидено изградба на тротоари каде што ќе може да се движат детски колички и лица со попреченост; предвидена е мрежа за осветлување што ќе го направи побезбедно движењето на жените низ локалната заедница; во развојната програма за водоснабдување е предвидена изградба и реконструкција на водоводна мрежа во согласност со потребите и со улогата на жените во домаќинството. И во програмата за социјална заштита се предвидени активности, чијашто примарна цел не е унапредување на родовата еднаквост, но нивното спроведување може да придонесе кон зголемување на еднаквите можности на жените и на мажите.
Сите планирани активности директно или индиректно влијаат на унапредување на родовата еднаквост. Иако директните издвоени средства за унапредување на родовата еднаквост се симболични, индиректното влијание на планираните средства од други програми е еднакво значајно, доколку намената е во стратегиски значајни програми.
Документот со анализа може да го проследите на следниот линк https://lagagrolider.mk/mk/aktivnosti/integriranje-na-rodovata-perspektiva-vo-politikite-i-programite-na-opshtina-krivogashtani?fbclid=IwAR3mj5vIypcmS4z9Tjkp0O5vkcCp4OZnDcziEBJllWzI8EGIw5h3JQGbV88