ВИДЕО – Годинава нема да има повеќе од 18.000 тони тутун, тутунарите бараат покачување на цените по класа од 20 до 25%


И годинава нема да има доволно тутун според побарувањата и очекувањето на откупувачите. Според тутунарите во државава оваа реколта би имало само околу 18.000 илјади тони, а договори се потпишани за откуп на 26.000 тони. Тутунарите бараат покачување на договорените цени, затоа што велат ако продолжи овој тренд идната година нема да ги имаме ниту овие 18.000 тони, а во опасност е и целосно напуштање на оваа гранка од страна на земјоделците поради нерентабилност.

„Веќе одредена фирма има најавено дека ќе ги зголеми цените по класи 15 и повеќе проценти, ние се надеваме дека и другите откупувачи ќе ја следат таа фирма, дека сите фирми ќе го покачат тутунот, затоа што ако не се покачи тутунот в година ќе се соочиме со уште помалку, што значи ќе дојде до уништување на тутунопроизводството. Да не се чувствуваат откупувачите дека тие се моќни, дека тие може се да диктираат затоа што ние сме тие кои треба да го садиме тутунот. Никој нема за оваа цена и за без пари да го сади повеќе тутунот“, истакна Менде Стомнароски, претседател на Сојуз на земјоделски здруженија.

Тутунарите велат дека производствената цена на килограм тутун во моментов била околу 240 денари. Бараат покачување на цените по класи од 20 до 25%.

„Се надеваме дека ќе ни помогне тука и Министерството во преговорите, взаемен ќе биде интересот и на компанииите и наш. Ако не тутунот ќе изумри како многу други култури, нема кој да работи. Со овие цени тешко дека в година ќе има тутун. Многу малку ќе има, а на компаниите им треба тутун. Во државава се потребни 25.000 илјади тони, а до нив не може да се стигне никако. Ќе се стигне само ако се крени цената на тутунот“, додаде Злате Даноски, претседател на здружение „Мице Козар“ – Прилеп.

Во периодот кој следува се очекува интензивирање на преговорите со откупувачите и министерството за земјоделство, а времето ќе покаже дали ќе се слушне гласот на тутунарите.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи