ВИДЕО – Недостасуваат судии во Прилеп, постои опасност од застарување на голем број дела


Ако Основниот суд во Прилеп лани од страна на Врховен доби највисока оценка и прво место во Македонија заедно со Основен Скопје 1, за својата ажурност, квалитет и квантитет на сработените предмети, годинава се соочува со криза каква што немало од неговото формирање. Нема судии. Според претседателот на судот Зоран Стеваноски, со новиот закон за работни односи не се дозволило судиите да продолжат со работа уште 3 години, така што се пензионирале 5 судии. Сега судот има 3 судии во граѓанскиот оддел и двајца судии во кривичен, што е премалку.

Судењата се одложуваат и по 5 месеци, а постои опасност и од застарување на огромен број дела. Републичкиот судски совет е одамна известен, но засега нема ништо. До март идната година судот ќе остане само со 3 судии. Во полоша ситуација е и јавното обвинителство. Реагираат и адвокатите.

„Поголемиот обем на предмети на помал број на судии доведува до неквалитетни пресуди. таквото нешто ќе се одрази и во годишните извештаи на Основен суд Прилеп. И Јавното обвинителство во Прилеп исто така се соочува со таков проблем, заради тоа што од 8 или 9 јавни обвинители сега е сведен бројот на двајца јавни обвинители кои практично се во неможност да ги обавуваат и постапките каде што е предвидено итно постапување. Така да мислам дека голем број на предмети во иднина, во следните 2 години се подложни и на застарување“, вели Жарко Стеваноски, претедател на здружението на адвокати од Прилеп.

Не се знае како ќе се продолжи со работа ако не се донесе итно решение.

„И судењата се одлагаат несразмерно за подолг временски период во иднина, ако претходно се одлагаа месец за месец, судењата сега се одлагаат за по Нова година, јануари, февруари месец и мислам дека и странките ќе трпат штета од таквиот недостиг на кадар“, додаде Стеваноски.

Излезот засега се гледа во Прилеп да доаѓаат судии од други судови од Македонија, но и за ова барање засега нема одговор од надлежните.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи