ВИДЕО – Се зголемуваат цените на услугите на ЈКП Комуналец – Прилеп во просек за 60-тина проценти


Денеска сакаме да ги информираме жителите на општина Прилеп за непопуларната мерка – зголемување на цените на комуналните услуги од страна на ЈКП Комуналец Прилеп. Секоја промена на цените е непопуларна мерка за граѓаните и бизнис секторот, но со оглед на енормното зголемување на цените на нафтата и нафтените деривати, цената на електричната енергија кои се наши главни енергенси, како и зголемувањето на цените на резервните делови, алати и машини кои ги користи нашето претпријатие, неопходно беше да се изврши и корекција на истите, рече Рубин Абрашоски, директор на ЈКП „Комуналец“ – Прилеп.

„Имено, ЈКП Комуналец Прилеп нема донесено одлука за корекција на цените на услугите уште од 2009 година. Со оглед на тешката финансиска состојба во која се наоѓа ова претпријатие, во моментов доведено е во прашање и тековното финансиско работење како и извршувањето на оперативниот план кој е обемен.

Свесни сме за тешката финансиска состојба на жителите на општина Прилеп како и бизнис секторот, но со секојдневното зголемување на пазарните цени на се она што му е неопходно за работа и нормално функционирање доведени сме во ситуација да извршиме корекција на цените.

Само за ваша информација просечната цена за набавка на нафта во 2018 година била 46,77 денари без ДДВ, односно во 2022 година ЈКП Комуналец набавува нафта по цена од 81,43 денари без ДДВ или зголемувањето е за 76%.

За споредба во бројки:

Во 2021 година за набавка на нафта и нафтени деривати ЈКП Комуналец потрошил 7.331.000,00 денари. Само за периодот од месец јануари до јули 2022 година за истата набавка потрошени се 6.801.564.,00 денари без ДДВ, со сите можни редукции и максимална контрола и штедење. Или ако добро погледнеме во бројките ЈКП Комуналец до јули ги исцрпил планираните финансии за набавка на нафта и нафтени деривати за цела година.

Втор непланиран трошок кој го наруши нашето функционирање е повеќекратното зголемување на цената на електричната енергија. Или споредбено во бројки:

Од 01 до 07 месец 2021 година за потрошена електрична енергија ЈКП Комуналец платил 620.194,00 денари без ДДВ,

Од 01 до 07 месец 2022 година за потрошена електрична енергија платил 3.565.254,00 денари без ДДВ со максимална контрола и штедење.

Преку здружението на комунални претпријатија АДКОМ беше побарано од Влада на РМ да им помогне на јавните претпријатија во оваа тешка ситуација во било која форма со цел намалување на трошоците за потрошената електрична енергија, а која нема слух и разбирање за нашите проблеми.

Затоа сакаме да ја информираме јавноста дека со Одлука на Управен одбор извршивме корекција на цените на комуналните услуги и бараме согласност од Советот на Општина Прилеп за потврдување на оваа одлука.

Ваква корекција на цените на комуналните услуги требало да се прави многу години претходно за да ова претпријатие од општ јавен интерес не биде доведено во денешната незавидна ситуација. Меѓутоа, за ситни политички поени тоа било одлагано во недоглед.

Почитувани сограѓани, со должна почит и извинување, кон вас што мораме да ја примениме оваа непопуларна мерка, можам само да ви ветам дека ЈКП Комуналец Прилеп со многу работа, коректно и чесно и понатаму ќе ги извршува сите услуги, а ценлта ни е заедничка – општина Прилеп да биде модерна, еколошки здрава и чиста средина.

ЕВЕ КАКО ЌЕ БИДЕ ЗГОЛЕМУВАЊЕТО НА ЦЕНИТЕ:

За домаќинствата под кров беше 1.8 денари за метар квадратен, се зголемува на 3 денари. За двор од 0.34 денари на 0.5 денари.

За правните лица под кров од 3.16 на 5.5 денари, двор од 1.16 на 2 денари.

Училиштата и верските објекти од 1.84 денари на 3 денари, дворното место пак од 1 денари на 1.5 денари.

За да дојдеме до овие цени долго време вршевме анализа, се консултиравме со другите градови каква е нивната цена. Можам да ве запознам со бројки: Општина Струмица за домаќинстварата цената 3.51 денар од метар квадратен под кров, додека за дворно место 0.78 денари.Куманово беа првиот град кој донесе корекција на цените на комуналните услуги. Пред покачувањето цената од квадрат беше 3 денари од метар квадратен, сега е 4.5 денари од метар квадратен. Токму таму правните субјекти плаќале 10 денари од метар квадрати, сега плаќаат 12.5 денари од метар квадратен. Кај нас како што видовте 3.16 денари.

Пак да речам, ние не се радуваме на оваа непопуларна мерка, меѓутоа во минатото никој не презел мерки за да не се доведи ова комунално претпријатие во оваа незавидна ситуација. Цената би требало да се зголемува со корекцијата на животните трошоци и корекцијата на минималната плата. Секоја година, во март месец има корекција на минималната плата. Јас не го спомнав во моето обраќање бидејќи ние сакаме работниците да добиваат поголема плата. Од март месец оваа година минималната плата беше зголемена на 18.000 денари, кај нас беа опфатени голема бројка на работници, односно 270, што ни го оптерети буџетот за 1.300.000 денари месечно, или од март месец до крајот на годината 13 милиони денари. Повторно да повторам, не сме против зголемување на платата, напротив сакаме да земаат поголема плата.

Претпријатие моментално е во многу незавидна ситуација. Ќе бидеме доведени да не можеме да исплатиме плати во наредните месеци. Некои ќе кажуваат дека тоа е од слабото менаџирање, меѓутоа во минатите години бројките ќе покажат дека и некои други работи освен овие што ги наведов, економските показатели, доведоа до ова претпријатие да биде во оваа незавидна ситуација.

Во бројки: 2017 година ова јавно комунално претпријатие е оставено со нето добивка од 14.883.560 денари, додека на крајот на 2021 година со загуба од 823.947 денари.

Ова покачување делумно ќе го компензира сето тоа. Зошто зборувам делумно, имаме секојдневно покачување на трошоците на електричната енергија. Воедно сакам да ви ветам и да слушнат граѓаните дека нема да има зголемување на бројот на вработени. На една седница на Совет на Општина Прилеп го кажав истото и стојам на тоа, нема да има зголемување бидејќи најголем дел од расходите одат токму на плати. Само онаму каде што ќе има заминување во пензија. Моментално се вработени 387, а ја наследив фирмата на 23.11.2021 со 423 вработени“, рече Абрашоски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи