Во театарот „Војдан Чернодрински“ се подготвува претставата „Мистерија Буфо“

Во театарот „Војдан Чернодрински“ интензивно се подготвува претставата „Мистерија Буфо“ во режија на Андреј Цветановски,  кој првпат соработува со театарот.

„Подолго време  се договаравме со театарот во однос на тоа што би работеле. Низ годините се сменија повеќе текстови, но на крајот се задржавме на „Мистерија Буфо“ според Дарио Фо, бидејќи е  еден материјал  којшто овозможува креативност и создавање на сцени кои доаѓаат од импровизациите на сцена. Пишуван е како дел од референци на средовековен театар, којшто е доста заборавен во историјата на театарот, а сепак носел некои интересни форми, а тоa се мистериите, кои средновековните актери ги играле на плоштадите за да ги величаат чудата. Низ таа една призма ќе се обидеме да раскажеме приказна за теaтарот, каков бил тогаш и колку тој театар денес носи исти работи. Се обидуваме да создадеме структура, преку која низ сцените ќе раскажеме приказна што ќе е интересна.  Претставата ќе има асоцијации, и мислам ќе биде модерна  комедија со апсурдни призвуци , комедија со горк вкус.. Ќе биде колективен чин на создавање. Актерската екипа најдобро ќе ги создаде сцените и тоа ќе го направиме низ колективен чин, бидејќи во театарот што го работам мора да има единство. Ќе создадеме радост на играта, што публиката се надевам ќе ја почувствува“, изјави Цветановски.

Во претставата ќе играат Марија С.Илијеска, Димитар Ѓорѓиевски, Александар Тодески, Димитар Црцороски, Михајло Миленкоски, Илија Волчески, Наташа Ачански и Ангела Наумоска.

Сергеј  Светозарев ќе биде автор на сценографијата, Марта Дојчиновска на костимите, драматургијата и преводот е на Лидија Митоска Ѓорѓиевска, а музиката на Томе Темелкоски и на екипата.

Премиерата се планира наскоро.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи