ВИДЕО – „Зелен беџ“ за поединци кои континуирано ги унапредуваат туристичките услуги во Крушево


Здружението за туризам и угостителство од Крушево заедно со Општината за прв пат ја воспоставија праксата со доделување на наградата „Зелен беџ“ за поединци кои со својата работа и ангажман континуирано ги унапредуваат туристичките услуги во Крушево и еко туриизмот. Годинава беџот го добија фамилијата Христоски како први претприемачи во областа на туризмот во Крушево, Игор Тодевски за промоција на комплетна и атрактивна туристичка понуда во Крушево, која опфаќа сместување во апартмани, летање со тандем параглајдер и организирање на национални и меѓународни спортски настани, како и Димитар Велески, за неговата уникатна туристичка атракција која опфаќа јавање на питоми коњи низ крушевската корија.

„Би сакале да изразиме голема благодарост за тоа што ни е укажана можност и нии е доделено признание за подобрување на еко туризмот во Крушево. Крушево сите знаеме дека е туристичка дестинација која се труди да понуди, покрај другите услуги, да понуди и еко туризам“, рече Мишко Христоски, први претприемачи во областа на туризмот во Крушево.

 

„Би сакал да напоменам дека ми е чест што ја добив оваа награда и оваа награда ќе ми биде мотив за уште понапорна работа за развојот на туризмот и растење на градот Крушево во една топ позната светска дестинација“, кажа Игор Тодевски, сопственик на апартмани и параглајдерист.

 

„Идејата ја добивме од самата побарувачка на туристите кои доаѓаа. Ние тоа го сфативме како идеја за еден нов бизнис“, истакна Димитар Велески, сопственик на коњички клуб.

Доделувањето на овој беџ е дел од проектот Јакнење на соработката меѓу туристичкиот сектор и локалните јавни претпријатија. Целта е промоција на Крушево како атрактивна еко дестинација.

„Значајно е тоа што сакаме преку нашите активности да го промовираме Крушево и од еден друг аспект, многу поголема промоција на Крушево како зелен град, здрава животна средина, воздух, вода и секако природа која многу нуди не само делот на професионалниот спорт туку и во делот на најнормалните викенд прошетки“, изјави Лефкија Гажовска, координатор на проектот.

 

„Ние станавме и атрактивна туристичка понуда, атрактивна туристичка дестинација, посакувана, препознатлива и светка во поглед на змајарство, параглајдерство, но и во подобрувањето во поглед на нормите и условите за сместување и сместувачките капацитети во Крушево“, потенцираше Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

Проектот вклучува и отворање на позиција комунален инспектор во Крушево, волонтерски еко акции, како и набавка на паро чистачи заради следење на ЕУ стандардите во делот на чистење на апартманите со пареа без употреба на хемикалии, кои ќе ќе бидат на располагање на членките на Платформата FeelKrusevo.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи