ВИДЕО – Цената на тутунот се зголемува за околу 20%, првата класа ќе се откупува по 300 денари


Цената на тутунот по класи се зголемува за 20%. Првата класа ќе се откупува по 300 денари, претходно чинеше 280, втората класа од 200 се покачува на 240 денари, третата класа ќе се откупува по 180 денари, претходно се вреднуваше 150 денари и четвртата класа се покачува од 80 на 100 денари. Засега овие цени ги имаат прифатени 4 откупувачи од 10, но од Сојузот на земјоделски здруженија очекуваат не само што останатите откупувачи да ги прифатат покачените цени туку дел од нив и да платат нешто повеќе во трката за откуп на што е можно повеќе килограми.

„Уште по 40 денари да се покачат цените за нас како тутунари не би било доволно, затоа што трошоците се големи и знаеме дека тутунот е тежок и макотрпен, но сепак во овие 3 години откао ние сме претставници на тутунарите издејствувавме прво да го смениме правилникот, сега да ги покачиме цените. Не дека овие цени се незнам колку покачени и дека е ептен исплатливо, но сепак малку од малку ќе се ублажат нашите трошоци и ќе покриеме дел од нив“, истакна Менде Стомнароски, претседател на Сојуз на земјоделски здруженија.

Тутунарите велат дека само взаемна координирана соработка помеѓу тутунарите, откупувачите и државата може и понатаму да опстојува оваа стратешка култура во земјоделството, затоа што поради ниските цени, се поголем број на млади се откажуваат од тутунопроизводството.

„И мора буквално да се вреднува трудот, односно да се награди. Таа е движечка сила на целата држава. Ако биде задоволен земјоделецот, тутунопроизводителот тоа се враќа како бумеранг во државата и сите се среќни. Среќен земјоделец, среќна држава. Така што јас мислам дека доколку не биде задоволен самиот земјоделец дека сето тоа еден ден ќе умре и ќе замре тутунопроизводството како гранка“, изјави Горан Бозароски, тутунопроизводител.

Оваа година се очекува производството на тутун во Македонија да биде околу 19 милиони килограми, а потребите и потпишаните договори на откупувачите се на 26 милиони.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи