ВИДЕО – За поголем развој на Крушево му се потребни нови стартови за параглајдерите, на Мечкин Камен се гради нов паркинг


Дали се доведува во опасност одржувањето на Светското првенство во змејарство во Крушево во 2023 година бидејќи не е исполнет еден од главните услови, а тоа е изградба на нов алтернативен старт за пилотите, покрај веќе постоечкиот на Мечкин Камен. Иако изградбата на овој старт се бара веќе интензивно неколку години, но државата засега нема слух за тоа. Проблем претставува сечењето на дел од шумата. Параглајдеристите велат дека во моментов Крушево во сезона го посетуваат околу 3.000 параглајдеристи од целиот свет, но тоа е максимумот што може засега да се прими, ако сакаме поголем развој неопходна е изградбата на нови стартови.

„Светското првенство ќе биде медиумски застапено во сите алпски држави, што ќе биде една огромна реклама за Крушево како топ дестинација токму за овој спорт. И за понатамошниот развој на градот. Доколку го направиме тој старт ќе бидеме видливи за сите други гости кои доаѓаат тука не само за параглајдеризам туку сите ќе може да не гледаат како полетуваме и со тоа би направило интересна туристичка дестинација за сите локални и странски гости“, истакна Игор Тодевски, Хели клуб – Крушево.

Помош од државата како финансиска, така и во надминување на бирократските процедури бараат и од Општина Крушево. Инаку туризмот од овие спортисти еден од главните приходи на градот.

Затоа бараме конкретно помош од државата да ни излези во пресрет централната власт каде нашите проекти можеме да ги реализираме и имплементираме со тоа што ќе направиме алтернативен старт, со тоа ќе се подобри безбедноста на самото полетиште, но од друга страна аматерите и сите останати ќе може да го користат тој друг старт“, рече Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

Во моментов Општина Крушево како дел од прекуграничниот проект „Крушево и Елбасан – признаена туристичка прекугранична дестинација“ на Мечкин Камен гради нов паркинг за 50-тина возила.

„Она што понатаму следува во овој проект е набавка на урбана опрема, клупи, седишта за брифинг просторот за параглајдеристите, дополнителни тоалети, информативни табли со што овој параглајдинг центар добива комплетна функционалност“, изјави Тања Хасану, координатор на проектот.

На полетувалиштето Мечкин Камен пред извесен период се постави нова вештачка трева на поголема површина, а се изгради и нов објект, кула, која ќе биде наменета за потребите на параглајдеристите.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи