ВИДЕО – Во 21 век најголема желба на жителите на „Радовишка“ е да добијат асфалт


И во 21 век најголемата желба на некои наши граѓани во урбаните средини е да имаат асфалтирана улица. Таков е случајот со улицата „Радовишка“ во Прилеп, долга само околу 100 метри, а која веќе со децении ниту една локална самоуправа не ја асфалтирала. Жителите велат дека сите само ги лажеле, а единствено ги посетувале за избори.

„Плаќаме придонеси, се си плаќаме, даноци, комуналии, се е платено и бараме да се асфалтира оваа улица. Има прашини, кал, кога ќе заврни сето е кал, а во лето е само прашина, не можеш да отвориш прозорец. Сакаме и ние еднаш да згазнеме на асфалт, 30 години немаме асфалт и само не лажат ќе биди утре. Ќе биди другиден и никој не доаѓа да види што е како е“, рече Злате Трајаноски, жител на улица „Радовишка“ во Прилеп.

 

„Кога ќе е врнежливо, снег, децата не можат буквално да излезат од дома, одат со најлончиња на нозете до асфалтот на другата улица, па да ги соблечат па да продолжат за на училиште. Лани улицата не беше проодна цел месец, тука по крајот се движеа некако, не можеа да излезат. Некогаш ниту такси не се качува до горе. Да имаш нешто не дај Боже, ноќно време Итна помош да треба да одиш, возило не влегува“, истакна Магдалена Иваноска, жител на улица „Радовишка“ во Прилеп.

Жителите велат дека постојано им било кажувано дека има некаков спор затоа улицата не се асфалтирала, но велат дека никој не се заангажирал да го реши тој спор кој според нив не постои.

„Не може спор да има само да не лажат. Спор има вака така. Ами ако има спор него треба да го реши Општината. Срамота е, каков спор, тоа е само изговор“, додаде Дончо Благоески, жител на улица „Радовишка“ во Прилеп.

Од Општина Прилеп велат дека улицата имала имотно правен спор со некое приватно земјиште. Признаваат дека досега ниту една локална самоуправа не се заангажирала да го реши проблемот. Ветуваат дека од пролет веднаш ќе се започне со правење на проект за улицата, по што треба да следува решавање на имотно правните односи, а потоа улицата ќе се ставела во новиот детален урбанистички план и конечно ќе бидела асфалтирана.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи