Просечната откупна цена на тутунот овие денови достигна 261 денар за килограм, што е највисока цена некогаш постигната. Од Сојузот на земјоделски здруженија се задоволни како тече откучот и велат дека досега нема некои поголеми зебелешки.
„Не викаме дека ова покачување е идеално и дека е многу, но малку од малку ќе ги ублажи нашите загуби. Не значи дека тука ќе застаниме како Сојуз, ние и во наредниот период ќе одиме на преговори со сите фирми за наредна година со новите договори да се избориме со уште повисоки цени“, вели Менде Стомнароски, претседател на Сојуз на земјоделски здруженија.
Според инспекторатот во моментов на 115 ваги низ дрвава биле откупени околу 3.000 тони, без никакви проблеми.
„Имаме 10 регистрирани откупувачи, од нив откупуваат 9, 10-от започнува наредната недела. Цената е над 261 денар, мислам дека ова се рекордни цени кои се постигнаа досега во откупот на тутун. Се откупува секаде, инспекторатот е на терен, досега нема пријавено неправилности“, истакна Јане Станкоски, директор на државниот земјоделски инспекторат.
Тутунот се откупува 300 денари за прва класа, 240 денари за втора, 180 за трета класа и 100 денари за 4 класа.
„Денеска зборуваме за нов рекорд, над 29.000 склучени договори, 15% зголемени површини, 251 денар е денешната просечна цена по килограм тутун, со зголемени субвенции од 80, 70 и 60 денари. Ова се факти и аргументи кои говорат за одговорноста и сериозноста на Владата во делот на ова традиционално производство“, изјави Љупчо Николовски, министер за земјоделство.
Оваа година се очекува производството на тутун во Македонија да биде околу 19 милиони килограми, а потребите и потпишаните договори на откупувачите се на 26 милиони.