За неполни 12 години банките заработиле над 1 милијарда евра!

Facebook
Twitter
Email
Print
Play Video

За неполни дванаесет години, од 2011 година до сега, домашните банки заработиле над една милијарда евра ‒ покажува анализата на порталот Пари. Бројките говорат дека профитите на банките драстично растат од 2016 година наваму, па во тој период тие немаат годишна заработувака помала од 100 милиони евра, за разлика од претходните години, кога профитот на банките бил од 20 до 74 милиони евра. Дека се недопирливи за кризата покажаа и пандемиските години, кога заработувачката на домашните банки убедливо порасна. Така, во пандемиската 2020 година тие оствариле профит од 118 милиони евра. Наредната, 2021, година на свое конто на име профит ставиле дополнителни над 30 милиони евра и годината ја завршиле со рекордна заработувачка од 149 милиони евра. А годинава се на пат да го срушат и тој рекорд. Само за девет месеци од годинава профитот на домашните банки е неверојатен и изнесува 131 милион евра, покажува статистиката на Народната банка. Тоа е за 13 милиони евра повеќе од добивката која ја оствариле во истиот период минатата година, кога заработиле 117 милиони евра. Резултатите за деветте месеци покажуваат дека ако продолжат со ова темпо, до крајот на годинава банките ќе постават историски рекорд по заработувачка откога постои банкарскиот систем во земјава.

ДОБИВКА ПО ГОДИНИ

ГОДИНА ДОБИВКА ПО ГОДИНИ
1‒9.2022 ГОДИНА 131 МИЛИОНИ ЕВРА
2021 ГОДИНА 149 МИЛИОНИ ЕВРА
2020 ГОДИНА 118 МИЛИОНИ ЕВРА
2019 ГОДИНА 109 МИЛИОНИ ЕВРА
2018 ГОДИНА 136 МИЛИОНИ ЕВРА
2017 ГОДИНА 106 МИЛИОНИ ЕВРА
2016 ГОДИНА 103 МИЛИОНИ ЕВРА
2015 ГОДИНА 75 МИЛИОНИ ЕВРА
2014 ГОДИНА 51 МИЛИОНИ ЕВРА
2013 ГОДИНА 37 МИЛИОНИ ЕВРА
2012 ГОДИНА 24 МИЛИОНИ ЕВРА
2011 ГОДИНА 19 МИЛИОНИ ЕВРА

ВКУПНО: НАД 1 МИЛИЈАРДА ЕВРА

 ЗА ДЕВЕТ МЕСЕЦИ ОД ГОДИНАВА БАНКИТЕ ЗАРАБОТИЈА 131 МИЛИОН ЕВРА

Податоците на Народната банка покажуваат дека за три месеци, од јуни до септември годинава, профитот на домашните банки пораснал за неверојатни 42 милиони евра. Заклучно со јуни заработувачката на банките беше околу 89 милиони евра, а заклучно со септември се искачи на 131 милион евра.

Бројките покажуваат дека за девет месеци од годинава банките наплатиле неверојатни 360 милиони евра од граѓаните и компаниите на име камати, провизии и надоместоци. Па така, вкупно наплатиле 241 милион евра од камати, од кои над 131 милион биле наплатени од џебот на граѓаните. Сепак, откако ги минусирале расходите, на банките им останале нето-приходи од камати од над 205 милиони евра. Неверојатен раст има кај ставката провизии и надоместоци. Вкупно наплатиле 119 милиони евра, а како нето-приходи им останале над 74 милиони евра.

Она што е интересно, банките за деветте месеци од годинава наплатиле за 14 милиони евра повеќе од камати и 14 милиони евра повеќе од провизии од истиот период лани. А наплатата од провизии, пак, во однос на истиот период од 2020 година, им рипнала за неверојатни 44 милиони евра.

ДОБИВКА 01-09.2022 ГОДИНА ДОБИВКА 01-09.2021 ГОДИНА
131 МИЛИОН ЕВРА 117 МИЛИОНИ ЕВРА
НЕТО-ПРИХОДИ ОД КАМАТИ  01-09.2022 ДОБИВКА 01‒09.2021 ГОДИНА
205 МИЛИОНИ ЕВРА 188,6 МИЛИОНИ ЕВРА
НЕТО-ПРИХОДИ ОД ПРОВИЗИИ 01-09.2022 ГОДИНА НЕТО-ПРИХОДИ ОД ПРОВИЗИИ 01-09.2021 ГОДИНА
74 МИЛИОНИ ЕВРА 66,7 МИЛИОНИ ЕВРА

Извор: Народна банка

Најголемата заработувачка во банкарскиот сектор завршила кај петте големи банки. Од вкупната добивка од 131 милион евра на контото на големите банки на име профит за девет месеци се слеале речиси 120 милиони евра. Средно големите банки прикажале профит од 9 милиони евра, а малите од речиси 1,8 милиони евра.

Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/za-nepolni-12-godini-bankite-zarabotile-nad-edna-milijarda-evra/

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Play Video

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи