Се поголем број граѓани оштетени со подигнување на брзи кредити во нивно име, а тие не се запознати за тоа


Во последниов период во Секторот за внатрешни работи Битола зачестија пријави од граѓани кои се измамени во делот на злоупотреба на личните податоци односно подигнување на брзи кредити во име на трето лице, за кое оштетените не се запознати, информираат од СВР Битола.

„Во насока на спречување на злоупотребата на лични податоци, кражбата на идентитет, како и злоупотребата на дебитните и кредитните картички, во пресрет на празниците, кога се очекуваат зголемен број трансакции, ги предупредуваме граѓаните да бидат исклучително внимателни во делот на компјутерските измами и злоупотребата на личните податоци. Апелираме до граѓаните да внимаваат каде и со кого ги споделуваат или ги изложуваат на увид личните  и патните исправи.

Исто така, при плаќањата со платежни картички, доколку е потребно да биде внесен пин, задолжително да го внесуваат лично и да не дозволуваат некој друг да го внесува нивниот пин кој треба да се чува во тајност.

При плаќањата и купувањето преку интернет, задолжително да се проверува кредибилитетот на продавачот, имајќи ги предвид  позитивните и негативните коментари кои ги има на самиот профил, страна, група и сл.

Воедно, апелираме да се внимава при ажурирањата на податоците, при кои од корисниците се бара да се внесат лични податоци и број на картичка, односно да се проверува дали е основано барањето за ажурирање на бараните податоци.

При регистрирањата на одредени интернет страни, особено да се обрне внимание на полисите, односно да се читаат до крај, со цел да се избегне граѓаните да бидат изложени на месечни трошоци во облик на претплата, најчесто назначени на крајот на полисата – најчести примери се при купување на видео игри, инсталирање на канали за игри, филмови и сл., каде купувачите еднаш купуваат видео игра или програма, а подоцна секој месец им се наплатува истиот износ.

За време на контактите со непознати преку социјалните мрежи  да се внимава да не има се доставуваат податоци од личните исправи како трансакциски сметки од банки, лични фотографии и други лични документи. Во последен период се забележани голем број на поплаки од граѓани кои при купување на интернет производи и нивна достава до врата, вообичаено се измамени во делот на квалитетот, но и дека порачале еден производ, а друг им пристигнал по брза пошта. При обидот продавачот да повторно контактиран, најчесто тој е недостапен.

Упатуваме предупредување до граѓаните да внимаваат и на сомнителни електронски пораки, особено од типот на наградни игри, т.н. лотарии и писма за наследства, односно таквиот тип електронски писма да не се отвораат и да не се одговара на нив.

Што се однесува до пријавените случаи за измами и злоупотреба на личните податоци, ве информираме дека СВР Битола презема мерки за нивно расчистување“, велат од СВР Битола.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи