ВИДЕО – Членките од „Преродба“ ја продолжуваат традицијата за празникот Свети Никола


Од 2006 година Свети Никола е прогласен за заштитник на градот Прилеп или негов патрон празник. Тоа е така бидејќи над половина од прилепчани за своја домашна слава го имаат токму овој светител. Градската слава на Прилеп со текот на сите овие години стана негов препознатлив бренд, а најповеќе се афирмираше во јавноста во 2008 година кога Прилеп влезе во Гинисовата книга на рекорди со правење на малите посни сарми, прилепски специјалитет, кој домаќините им го служат на гостите токму на овој ден. Здружението на жени „Преродба“ од Прилеп учествува во подготовките на овој специјалитет уште од самиот почеток на одбележувањето на Градската слава. Тие и оваа година за да ја зачуваат традицијата, се собраа во нивните простории и завиткаа дел од овие мали посни уникатни специјалитети.

Сармите за Св. Никола се виткаат секој празник, најмногу за Св. Никола. Во секое сармиче се ставаат по неколку зрна од оризот и ние ги виткаме. Во оризот се става масленце, црн пипер, некои ставаат и праз, а ние моментално во нашата сарма не ставивме праз и ги виткаме само со оривче, црн и црвен пипер и така е убава сармата. Значи сармите колку се помали, толку се повкусни и поубави. Прилепсите сарми се најмалечките во Македонија што се виткаат, само во нашиот град се виткаат вакви мали сармички. Св. Никола е најголем заштитник на сите и ние во нашава општина си го зедовме и за заштитник на градот, некоја куќа го слави, другите одат на гости, значи сите се зафатени со Св. Никола, го почитуваат дека заштитник на сите нас. И мене исто ми е славата Св. Никола, да е на помош и за многу години, си ги направивме адетите, имаме поскура, имаме темјанче, имаме вино црвено, се што треба за една слава за Св. Никола. Да е за многу години славата“, вели Илка Илиоска, членка на Здружение „Преродба“.

 Освен овие мали сармички славската трпеза кај секое домаќиство за овој празник е доста богата и со други посни специјалитети.

 Се почнува од салатите, па ракија, друго мезе, риби, сарма, грав, маслинки и овошје, сето посно, како и благо, баклава. Баклавите најмногу се застапени“, кажа Елица Мицеска, членка на Здружение „Преродба“.

 Славите во Прилеп се чекаат со цело срце и душа. Домаќинките велат дека тоа е момент кога може да се видат сите.

Најбитно е да се собери фамилијата, да се дружи, да се знае семејството, од каде си, што си, тоа е важно, а не е важно што има на масата, што дал Господ тоа. Да се продолжи традицијата, ние си ги учиме нашите деца и си ги чекаат славите, секој си има башка слава, не мора Св. Никола, имаме и други. Мене ми е Митровден, некогаш паѓа во посно кога е среда или петок, а другите денови е мрсна. Кога е посно си правам посни сарми, кога е мрсно правам мрсна сарма, 47 години откако сум домаќинка една година немам прескокнато кога немам гости за Митровден“, кажа Ленче Спиркоска, членка на Здружение „Преродба“.

Но прилепчани велат дека со текот на времето сепак во некои домаќинства на слава се кани само потесното семејство, а не како порано кога доаѓале скоро сите роднини и пријатели. За тоа можеби придонесло и иселувањето на младите, но и тоа што семејствата немале по повече деца како порано.

Моментално само фамилијата, децата, не како некогаш и внуците. На времето беа и сестри, браќа, но сега се многу малку семејствата, има по 1 до 2 деца, 2 до 3 внучиња и само во најтесниот круг. Важно да се направи адетот, да се испочитува празникот и ние сите го почитуваме“, додаде Ратка Стојаноска, членка на Здружение „Преродба“.

Но и покрај се Прилеп и овие жени од Здружението „Преродба“ продолжуваат да бидат верни чувари на нашата традиција.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи