ВИДЕО – 80 години од создавањето на култната „А бре Македонче“ – ООМУ Ордан Михајлоски – Оцка го одбележа патронатот


Општинското основно музичко училиште од Прилеп Ордан Михајлоски – Оцка одбележува 80 години од смртта на нивниот патрон, но и 80 години од создавањето на култната песна „А бре Македонче“, каде еден од авторите на музиката и текстот се појавува токму Михајлоски. Според историските записи „А бре Македонче“ ја создаваат двајца прилепчани Ордан Михајлоски – Оцка и Коле Чашуле, а некаде се споменува дека во нејзиното создавање учествувал и Крсте Црвенкоски. Таа е создадена по задача на партизанскиот одред „Гоце Делчев“ некаде после 23 октомври 1941 година.

Нејзиното прво промовирање и првото испејување е на 8 ноември, на првиот митинг кој воопшто еден одред го направил во поробена, окупирана Македонија, во селото Царевиќ, прилепско. Тоа е прв митинг каде што партизани влегле воопшто во некое населено место и го повикуваат населението да се вклучат во партизанското движење, им укажуваат дека тие се присутни на теренот и се борат против окупаторот за слобода на Македонија“, вели Рубин Белчески, историчар.

По војната таа станува култна македонска песна и се употребува како музика во многу филмови и серии меѓу кои и во првиот македонски филм „Фросина“ во 1952 година. Во текот на своето постоење менува одредени стихови што пред извесен период предизвикаа и одредени полемики. Така во првичната верзија се споменува „Нека разберат денешните тирани“, а потоа тој стих се пее и како душманите клети, клетите фашисти, но ја задржал својата поента.

Има неколку верзии, но во суштина таа не отстапува од она што значи повик на борба, повик за слобода и на крајот дека македонското име нема да загине, што во суштина е и актуелност на денешницава кога Македонија се бори за влез во ЕУ. На некој начин тоа задира и во надворешната политика на македонската држава, односно задира во меѓународното јавно право кога некој не‘ оспорува да се нарекуваме онака како што сме се викале, како Македонци“, додаде Белчески.

На ова одбележување присуствуваше и внукот на Михајлоски, Александар Трајкоски.

На овој начин се воспева и му се дава чест на неговото дело и лик, кој што во неговиот многу краток живот од 21 година направил малку, но многу значајно. Ние како фамилија и воопшто како почитувачи на сето она што се случувало во градот Прилеп во тој период, заради тоа што во куќата на Оцка е договорено и организирано кревањето на востанието, сме почестени што сме дел од ова чествување и што училиштето и градот го одбележуваат на ваков достоинствен начин“, кажа Александар Трајкоски, внук на Ордан Михајлоски – Оцка.

По овој повод се одржа и традиционалниот годишен концерт на ова музичко училиште.

Секогаш новогодишните концерти биле со една симболична цена од 100 денари, кои подоцна сме ги давале во хуманитарни цели. Најверојатно и годинава ќе биде со хуманитарен карактер, но тоа треба да го поминеме низ сите филтри од училиштето и ќе известиме за што станува збор“, рече Денис Најдоскии, директор на општинското основно музичко училиште Ордан Михајлоски – Оцка.

Со овие активности Прилеп само уште еднаш докажува дека е горд чувар на нашата историја и култура.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи