Премиера на претставата „Штрих“ во четврток во домот на култура „Наум Наумовски-Борче“ – Крушево


На 29.12.2022 година, четврток, во домот на културата „Наум Наумовски-Борче“ во Крушево ќе биде премиерно изведена претставата „Штрих“ по мотиви на „Cut“од Лајл Виктор Алберт. Оригиналниот текст „Cut“ е напишан од канадскиот автор Лајл Виктор Алберт, во 1985 година. Тој зборува за ликови кои се избришани од делата на големите автори во историјата на театарот, како Шекспир, Софокле, Оскар Вајлд, Тенеси Вилијамс, Семјуел Бекет.

Местото каде се одвиваат настаните е во една небесна чекална, каде секој  лик  на комичен начин си ја искажува својата мака и фрустрација, бидејќи никогаш немале шанса да станат вистински ликови и да играат на големата сцена.

Клајд, братот на Хамлет не успева никако да ја запамти фамозната реплика TO BE OR NOT TO BE и е бесен на Шекспир што го избришал од делото. Ниплтитус, сестрата на Едип, која била во љубовна врска со својот брат и требало да му биде жена е заменета со Јокаста, мајката нивна. Фидлдич, вечниот камериер кој има само една реплика : “Може ли да Ве послужам со еден тартар од краставица?”. Г-ѓа Ковалски, мајката на Стенли,која на груб начин покажува грижа за сите, Џои лик од модерната литература, за кој не се знае ни име ни презиме од чиј автор е измислен. На крај Годо, кој останува да чисти после нив.

Театарскиот перформанс „Штрих“ е по мотиви на оригиналниот, а преводот, адаптацијата на текст и режијата е на Захарија Ангелеска. Ова е петти самостоен проект на актерката Захарија.

„Работиме на тема театар и која е улогата на истиот во ова поново време, како да се преживее и како да опстои истиот. Идејата е во прилагодувањето, со што се поклопува со идејата од која и тргнувам – дека го сакам театарот жив, весел и непобедлив“, вели режисерката Захарија Ангелеска.

Освен Ангелеска во претставата игра и актерот Михајло Миленкоски, музиката е на Оливер Јосифовски, сценографија Магдалена Илиевска, графички дизај на плакат Елена Илиеска. Видео запис и монтажа Гоце Веселиновски, фотографија Маја Преш. Техничка поддршка Игор Велески. Проектот е поддржан од Министерство за култура на РСМ.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи