ВИДЕО – Филип и Михаела: Не се плашете децата да ги изнесете на планина тоа е основа на здравиот начин на живот


Во ова наше интервју поразговарав со двајца прилепчани Филип и Михаела Илиоски, спортисти и огромни вљубеници во природата. И станаа познати на македонската јавност пред неколку месеци кога го искачија највисокиот врв во Мекедонија, врвот Голем Кораб, заедно со нивниот син Исак, кој што кога се изврши тоа качување на Голем Кораб, во месец септември, тој имаше само 6 месеци.

Пред да започнеме со тоа како дојде до искачувањето на Голем Кораб, би сакал за оние кои не ве познаваат едно мало претставување, па еве би започнале со понежниот пол, иако во овој спорт нема понежен и посилен пол, некогаш жените знаат да бидат и многу посилни кога станува збор за искачувањето на планините. Дали се согласуваш со мене?

Михаела: Така е, се согласувам. Јас сум Михаела Илиоска од Прилеп, имам 22 години и сум вљубеник во природата и планините. Јас почнав со планинарење откако се запознав со Филип, тој е виновникот што почнав да одам по планини. Исто така тој ме повлече и во возењето на планински велосипед и откако сме заедно не сме престанати да планинариме и сега тоа го правиме заедно и со нашиот син Исак.

Колку време планинарите?

Михаела: Околу 4 години активно. Исак има 9 месеци и и тој не е застанат, нормално каде што одат мама и тато таму и Исак.

Што е тоа што ве привлекува кај планините, дали може да се опише тоа чувство?

Михаела: Не може да се опише конкретно, но можам да кажам приближно нешто. Едноставно кога ќе појдам на планина се чувствувам жива, се чувствувам слободна, можам да дишам, овде кај нас во градовиве е загадено, на планина има нешто што со ниту една пара на светот не може да се купи. Планините едноставно се мојот втор дом, таму се пронајдувам себе си.

Токму така, за жал загадувањето во градовите е навистина огромно, особено во овој зимски период. Филип, како што кажа Михаела ти си тој главен виновник со кој започна целата оваа приказна. Заедно со вас двајцата сега имате и трет член во семејството за искачување на планините низ цела Македонија.

Филип: Точно така.

Вие сте исто така вљубеник во природата?

Филип: Да да, вљубеник во природата многу голем, од мали нозе, откако знам за себе си. Тоа го наследив од мојот дедо, кога бев колку Исак баш, ме носеше на планина и се пренесува сега на генерации.

Кога започнавте прв пат со Исак да се искачувате на планини?

Филип: Првото искачување на Исак му беше на неполни 2 месеци, 2 месеци без една недела имаше кога прв пат бевме на Селечка планина, до планинарскиот дом Томе Темелкоски.

За тие што не знаат Селечка планина се наоѓа веднаш до Прилеп.

Филип: Веднаш до Прилеп да, таа ни е тука наша локална планина каде што правиме и редовни тренинзи, некогаш и за релаксирање така кратко. Втора тура му беше на Исак една кружна тура до локалитетот Казанташ, можеби некои и не го знаат, повеќе го знаат постарите планинари.

 

Како реагираше Исак кога за прв пат дојде во допир со планината, со чистиот воздух?

Филип: Пред се беше многу мал, немаше ни 2 месеци. Поголемиот дел од патеката ја помина во спиење, на моменти се разбудуваше и беше воодушевен, вчудоневиден, се уште му беше него ново нешто, не знаеше што се случува, но доста позитивно. Потоа кога се упативме од домот кон Казанташ почна да врни, не беше многу топло, беше месец мај, температурата беше околу 9 степени, почна да врни дожд и со шушкавецот го покрив и со трчање право до Казанташ, каде што имаше едни повозрасни планинари и баш се чудеа. Ми викаат мене зошто ранчето си го покрил со шушкавец, нека наврни ранчето нема гајле, зошто го штедиш? Им викам дете е. Абе како дете? Така им викам, дете мало е. Вистинско дете? Им велам да и беа стварно импресионирани, дури на еден постар планинар и солзи му дојдоа, браво вика, ова многу ме погоди.
Наредно искачување после Селечка планина кое е?

Михаела: После Селечка планина одлучивме да одиме на Пелистер, појдовме до планарски дом Ловечка, кој неодамна изгоре. Времето поголемиот дел од патеката беше ветровито и ладно, но помина се во најдобар ред, стигнавме до планинарски дом Ловечка, јадеше Исак, мора да јади секаде каде што одиме. Јадевме и ние со Филип, поседивме малку и се упативме назад, бидејќи веќе и почнуваше да заладива, а тој беше многу малечок, имаше 3 месеци, 3 и една недела, но битно беше многу воодушевен, се смееше кога го виде сето тоа зеленило, бидејќи Пелистер е стварно многу убав предел, за разлика од нашата Селечка која нема толку густа шума. Беше воодушевен, едноставно среќен, направивме многу убави слики, се радуваше.

 

 

 

Како дојде идеата да се искачи највисокиот врв во Македонија, а тоа е врвот Голем Кораб, колку време се подготвувавте?

Михаела: Од 3 месеци откога го однесовме на Пелистер, после тоа само локално. Бевме и Козјак, ноќа тура со Исак, да не ја заборавиме првата ноќна тура. Тие беа едни од подготовките на Исак за да може да оди на највисокиот врв, сепак е 2764 метри надморска висина која не треба да се потценува во никој случај. Седнавме со Филип, беше петок на вечер, каде да одиме во недела, на Кораб да одиме, да не одиме, за детево не знам и одлучивме да појдиме. Ако евентуално нешто не е како што треба никогаш не е касно да се вратиме назад. Тргнавме, се беше супер, Исак спиеше поголемиот дел, неколку пати застанувавме да јаде, бидејќи патеката е релативно долга и тешка тура.

Колку километри е?

Михаела: Околу 10 километри во правец, но има доста елевација, доста е стрмна, нагло искачување, скоро цело време се качува.

Михаела: Цело време качувавме нагоре. Кога стасавме горе на врвот Исак се разбуди од спиење и почна да се смее на глас. Имаше планинари од странство и беа воодушевени од нашата постапка, од тоа што го направивме, го зедоа Исак да се сликаат. Исак не престана да се смее, јас бев воодушевена од тоа како се смее и колку среќен. Имавме и добар видик, на моменти. Се радуваше, цело време гледаше околу него, не знаеше што се случува. Битно се помина во најдобар ред, немаше никакви проблеми во текот на одењето и враќањето.

 

Тоа е ваше прво искачување на Кораб и сама и со Исак?

Да, мое прво и со Исак заедно.
Филип, како што претходно ми кажавте во разговорот, тоа е ваше второ искачување на највисокиот врв во Македонија. Кога прв пат се искачивте?

Филип: Мислам дека 2018 или 2017 година, така нешто. Тоа беше кога се искачува за празникот за 8 Септември, традиционално секоја година.

Да, по повод на независноста.

Филип: Да, точно така и тогаш прв пат појдов  и морам да кажам дека чувството е многу подобро со Исак, отколку без него.

Колку време се задржавте на врвот?

Филип: На врвот се задржавме доста време, можеби 40-тина минути, што не е малку за на таа висина, посебно со дете од 6 месеци. Времето беше стварно добро, имаше малку магла, малку сонце, но беше релативно добро?

Значи се помина во најдобар ред, немаше никакви проблеми?

Филип: Никакви проблеми, едноставно прекрасно беше времето за на таа висина, во тој период беше идеално.

 

Исто така мислам дека имавте уште еден обид за искачување на еден многу познат врв во Македонија, тоа е Солунска Глава. Тоа беше веднаш после Кораб?

Филип: Да, во многу краток период, преку 2 викенди. Одлучивме до Солунска Глава, тогаш бевме со спиење во планинарскиот дом Чеплес. Исак помина супер, кога тргнавме времето беше идеално, сонце, прекрасно време. Пред самиот врв пред некои 300 метри почна да дува многу силен ветар, премногу, можеби околу 50-60 километри на час дуваше, почна многу да студи. Исак повеќе се исплаши од самиот ветар, но исто така му беше и доста ладно, почна да му студи и почна силно да плачи и решивме да се вратиме, бидејќи здравјето на детето е пред се најбитно.

Нормално, да се надеваме дека оваа година што доаѓа ќе ја исполните и таа ваша мисија да се искачите на Солунска Глава.

Филип: Па да се недеваме. Сигурно ќе направиме уште некој обид, да се надеваме дека овој пат успешен.

Михаела преку 95% од сите коментари навистина беа многу позитивни, луѓето беа восхитени од оваа храброст што ја имате како родители и од ова што го направивте да уште од мали нозе го запознаете Исак со природата. Но, сепак нашиот менталитет е таков каков што го знаеме, имаше и негативни коментари, па што барате со мало дете, ќе се разболи, многу е малечко. Како реагиравте на тоа што можевте да го прочитате и на социјалните мрежи и во јавноста коментарите?

Михаела: На портали каде што беше објавен нашиот потег кој го направивме имаше доста негативни коментари. Многу ми е жал што младите луѓе размислуваат негативно, едноставно треба да се поддржуваме. Тоа што го направивме ние не беше никаков ризик за Исак, според мене, бидејќи сепак ние сме родители и ние најдобро го познаваме нашето дете. Никој од страна не може да кажува за нашето дете како треба да биде и што треба да биде, како што ние исто така не можеме за нечие дете да кажуваме. За тоа одлучивме ние и пак ќе одлучиме, ние не застануваме тука, тие негативни коментари нема да не спречат во нашите идеи за понатаму. Се надеваме дека следнава година што доаѓа, 2023 ќе биде исполнета со многу искачени врвови, врвови на кои и ние не сме биле.

Која е вашата желба, кои врвови да се искачат?

Михаела: Искрено јас сакам да го искачиме највисокиот врв на Балканот, Мусала во Република Бугарија. Тоа би било еден предизвик за нас, бидејќи јас прв пат ќе одам таму и Исак исто така.

Колку е висок?

Михаела: 2925 метри надморска височина, највисок на Балканот.

Други врвови?

Михаела: Овде во Македонија, прво сакам да ја искачиме Солунска Глава, тој ми е еден од омилените планински врвови во нашата земја. Самата планина е толку мистериозна и мислам дека на Солунска Глава сите 4 сезони се менуваат во 5 минути, мислам дека таа е единствена планина каде што може тоа да се случи. Сакаме да го однесиме исто на Титов Врв, ние бевме на Титов Врв, но бевме без него бидејќи беше ладно. Црн Камен, Црн Врв, има доста планински врвови кај нас кои не се толку познати, здравје тоа во нареднава година со Исак заедно тројцата да појдиме таму.

 

Филип на почеток на овој разговор спомнавме дека освен со планинарењето се занимавате и со планински велосипедизам. За тие што не знаат, ти си претседател на здружението „Маркови Точакџии“ од Прилеп, едно од најбројните велосипедски здруженија во градот кое навистина е активно, брои доста членови и скоро секој викенд додека го дозволуваат тоа временските услови имате по некоја тура во околината на Прилеп, па и низ државата.

Филип: Пред се јас сум велосипедист, па потоа планинар, како што кажа сум претседател на здружението „Маркови Точакџии“. Сега малку не е сезона за велосипедизам, затоа правиме апстиненција, нешто кога е вака добро времето кратко нешто, локално колку да не се запостави, но следната 2023 година да се надеваме дека ќе биде многу поуспешна од 2022, затоа што искрено очекувавме повеќе но во склоп на сите околности не извозивме баш многу тури. И нешто подолго, некој поголем предизвик, пред се возиме маунтин бајк, да искачиме уште некој врв, што не ни е досега искачен со велосипед и може нешто надвор од границите.

Велосипедизмот завзема поголема популарност особено кај младите во последниот период, особено во Ковид 19 пандемијата луѓето веднаш се свртија кон природата и здравиот начин на живот?

Филип: Точно така, баш кога беше актуелна ситуацијата со Ковид, многу луѓе што воопшто не се занимавале со никаков аутдор спорт, со велосипедизам, со планинарење, почнаа да го прават тоа. Што е многу добро, но треба да го продолжат тоа истото, да продолжат со тоа, не само кога има Ковид, а сега прекина тоа и ајде пак по кафани, не мора да се вози точак.

Дали освен планинарење Исак планирате да го воведете и во овој спорт, односно планинскиот велосипедизам?

Филип: Да, апсолутно, во секој случај, но се уште е многу мал. Чекаме да ја достигни возраста, првите знаци да ги покажи за да може да биде со нас на велосипедските тури, сигурно секаде ќе не дружи.

Дали има посебна опрема, каде би го носеле додека возите велосипед?

Филип: Посебна опрема за велосипед, особено планински нема, затоа што е ризично, има едни седишта за на самиот велосипед, да може да седи, кое се монтира на самата рамка, има за ножината да ги постави и како мали рачки за да се држи. Потоа и мало точаче и за него.

Дотогаш Исак ќе порасне. Еве за крај една порака и од тебе и од Михаела до сите оние млади брачни парови кои имаат деца, кои размислуваат и на еден начин се плашат дали да го направат овој чекор кој вие сте го направиле, која е вашата порака?
Михаела: Мојата порака е до сите млади брачни парови кои имаат мало дете да не се плашат, ако сакаат да го одведат детето на планина, да го одведат. Значи треба да го следите детето, ако детето плачи или се вознемирува не е касно да се вратите назад. Не е битно да се освои некој врв, битно е детето да се запознае со планината, со природата. Едноставно таму може да се диши, таму диши чист воздух, а не во градовите. Најбитно и пред се треба да вложат во добра опрема, ранци, скафандери, облека, храна, се да понесат што е потребно за него и нормално да имаат волја, желба и да соберат храброст да го однесат детето на планина.

 

Филип твојата порака?

Филип: Исто така, во истиот контекст, да не се двоумат затоа што пред се така детето стекнува здрави навики, здрав начин на живот, има многу големи придобивки, пред се да се оттргне од овде од самото загадување во градовите од нечистиот воздух. Потоа многу влијае врз психичкиот и физичкиот развој на детето, врз развитокот на самата психа на малото дете кога ги гледа сите бои на природата, чистиот воздух итн., но пред се за детето да го прави тоа треба и родителите да го сакаат за да можат да го наведат на тоа.

Ви благодарам и на двајцата за разговорот и ви посакувам да ги остварите сите важи желби и нормално многу искачени врвови во наредната 2023 година.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи