ВИДЕО – Бадник во Прилеп – коледарчињата затропаа на вратите, разни обичаи и посна трпеза


И ова утро со традиционалната песна „Коледица Варварица“ коледарчињата од Прилеп се собираат по маалата и одат од куќа на куќа, каде ја пејат оваа традиционална песна, а од домаќините се дарувани, со костења, ореви, овожје, а и по некое париче.

„Секоја година вака групно се собираме и вака одиме по куќи, кај баби и ја пееме познатата песна во Прилеп, Коледица Варварица. Бабите ни даваат костенчиња, оревчиња, урми, понекогаш и парички“, вели Димитри Јовески, коледарче.

 

Секоја година заедно се собираме во маалото и од други маала, заедно се собираме и одиме по куќи, собираме шекерќиња и други работи“, додаде Иво Иваноски, коледарче.

Во Прилеп оваа традиција се почитува како во ниту еден друг град во Македонија. Родителите на децата, а особено нивните баби и дедовци се горди што има некој што после нив ќе ја продолжи вековната традиција.

„Се давало, така останало и така се дава. Адет е да биде бројот непарен, да се множи на 7, 9, 11 за колку повеќе да има посни работи, толку повеќе среќа и бериќет во куќата да има. Во Прилеп традицијата се уште се почитува, децата ние гледаме да ги научиме, сега и внучињата дека треба да продолжат, треба да одржуваат коледе“, кажа Лилјана Ацеска, почитувач на традицијата за Бадник.

 

Мислам дека ние прилепчани најмногу ги почитуваме традициите и така сега кога ќе почне со бадникарскиот оган, со шетање вака дечињава, па и поголемите шетаат и се собираме, се дружиме во маалово“, истакна Снежана Тодороска, почитувач на традицијата за Бадник.

Членките на здружението „Преродба“ традионално ја подготвија посната Бадникова трпеза, а секако тука се и големиот број обичаи поврзани со Бадник.

„Гравче, сарма, компот, тиква, кај нас во Прилеп се става и лукче, се става и мед. Лукот да не чува од зли духови, да биде нешто убаво медот, да бидеме благи, тиквата исто. Вечерта на Бадник се собира семејството, во Прилеп си месиме лепче со паричка, паричката кај кого што ќе падни тој е среќен цела година. Си имаме и винце, паричката се става во чашата со вино и секој си се напива од винцето малку за среќа“, изјави Илка Илиоска, членка на здружение „Преродба“.

 

Во последно време многу и младите сакаат да ги обноват нашите адети, да ги практикуваат како ние постариве. Прашуваат, се интересираат, тие си имаат сега свои деца големи, сакаат и нив да им направат бадникова вечера како ние што сме правеле, така и тие“, рече Ленче Спиркоска, членка на здружение „Преродба“.

На посета им беше и Фросина Ѓорѓиоска која сега живее во Малта, но иако во странство и таа таму си ги почитува овие обичаи.

Во овие традиции малку е чудно таму, бидејќи има различни народи. Во секој случај ние помладите пробуваме да ја негуваме традицијата колку е можно повеќе, Коледе, Божиќ и Велигден како најголеми наши празници ги славиме исто таму. Претежно имам гости од повеќе држави, наравно“, вели Фросина Ѓорѓиоска, прилепчанка која живее во Малта.

И нормално секоја седенка не била тоа што е без македонската песна.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи