ВИДЕО – „Срцето“ на Прилеп тивко умира, околу 40 дуќани стојат празни во строгиот центар


Во моментов од 35 до 40 дуќани се издаваат во строгиот центар на Прилеп во Старата чаршија, нешто што се нема случено со децении. Трендот на затворање на дуќаните започна со Ковид кризата, но продолжи и после неа. Ако порано се чекало со години да се дојде до дуќан, сега толку се чека тој да се издаде. Срцето на Прилеп тивко умира. Зошто се губи атрактивност на чаршијата и дали ова е производ само на економската криза? За едни главен проблем било масовното иселување и умирањето на занаетите.

Најмногу се иселуваат младите, главен фактор е неводењето грижа за младите луѓе. Па еве да се земиме и ние и занаетите се малку заташкани, нема. А чаршијата наша беше позната по баш занаетчиските дуќани, занаетчиските работилници. Сега сето заминува, не верувам дека ќе се врати некогаш како што било“, рече Петар Конески, занаетчија.

 

Никогаш немало толку празни дуќани, или да се чека со години. Обично сабајле ако се откажал, попладне ќе се издадел дуќанот, а сега има премногу дуќани што не се издадени“, додаде Ѕвонко Конески, занаетчија.

 

Причината најголема сега е што нема занаетчиство, ич нема занаетчиство, на прсти се бројат од мојата бранша, на една рака, а за другите и да не зборувам. Мислам дека најголемата причина е тоа што нема младеш, нема заинтересирани за занает, занаетот пропадна, го турнаа“, кажа Љубе Дамески, занаетчија.

 За дел од дуќанџиите проблем било тоа што со реконструкцијата на булеварот „Гоце Делчев“ се забрани паркирањето во центарот на градот, а ветените катни гаражи не се изградија. Велат чаршија без паркинг не може да функционира.

„Штом нема пристап станува неатрактивна локација и мислам дека е крајно време да размислиме малку во која насока ќе се движи развојот на овој дел од градот и како ќе бараме решенија за одредени проблеми, дали тоа ќе бидат катни гаражи, дали ако се грешки направени тогаш исправање на грешките кои се направени. Значи ако се направиле тие грешки и потези и се затвориле тие паркинг места, веќе ако немаме друга солуција ќе мора да бараме решение како тоа да го поправиме“, истакна Кирил Трпчески, претседател на занаетчиска комора на Прилеп.

Старата чаршија ја изгубила атрактивноста и поради тоа што се изменил автентичниот изглед, а државата не презела ништо за тоа.

Се дозволи пред се да се менува ликот во старата чаршија, се уфрли пластика, алуминиум, потоа се смени сообраќајната инфраструктура во градот, улиците кои беа прометни и со кои работеа дуќаните се направија пешачки зони, а во ноќните часови црна темница, тотален мрак во чаршијата што придонесува за едно дополнително сивило. Самиот градски плоштад што се изгради, освен партиски собири на тој плоштад ние немаме никакви други настани. Да привлечиш луѓе на некоја одредена локација како што е прилепската чаршија треба да има постојано настани и збиднувања“, вели Крешимир Здравески, занаетчија.

Дуќанџиите велат дека проблемот е сложен и бараат властите итно да започнат со решавање, потенцираат ако умре јадрото на еден град, тогаш прашање на време било и неговото комплетно замирање.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи