Треба под итно да се најде решение за отворање на двете големи спортски сали во Прилеп затоа што под вакви услови нема развој на спортот, ова е ставот на Агенцијата за млади и спорт откако прилепските спортиски се пожалија дека со години тренират и играат во несоодветни услови во училишни сали. Според директорот на Агенцијата, Наумче Мојсовски, „Универзална“ сала со која владее ЈП АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор, можела веднаш да биде отворена, затоа што проблем било само една оштетена трибина која можела да се затвори додека истата се санира.
„Ако не фунционира едната трибина, нека функционира другата трибина за да може да биде во функција салата. Самата сала, паркетот, тоалетите, соблекувални се е во одлична состојба таму. Зошто да стои затворена таа сала. Стигнавме со ПУИК до еден договор да таа сала се менаџира на месечно ниво, што се случи, зошто застана процесот незнам. Слободно нека се обрати градоначалникот, дали спортските клубови од Прилеп, да дојдат со едно писмено барање до нас за да ние се вклучиме во тоа како Агенција, се надевам дека во моментов ќе наидеме на разбирање од ЈП АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор, па понатаму да го тераме тој дел“, вели Наумче Мојсовски, директор на Агенција за млади и спорт.
Поголем проблем било отворањето на сала „Македонија“ која нема технички прием 20 години и која е во владение на Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти, кое е блокирано поради огромни долгови. Од таму писмено ни одговорија дека во моментов ја издавале салата под наем за 500 евра на некоја прилепска фирма, а што ќе се случувало со тој објект во иднина требало да одлучи Владата. Од Агенцијата за млади и спорт велат дека тие предложиле неколку идеи за овие сали.
„На Владата е да одлучи која варијанта е најдобра, јас кажав која според нас е најдобра, да имаме надлежност, ако треба нека се отворат одделенија во цела Македонија за да се стопанисува со тие објекти за да бидат во функција и служба на спортистите. Зошто ние градиме нови објекти, а старите ни се заклучени. А постојат објекти направени од времето на Југославија и кои се во одлична кондиција“, додаде Мојсовски.
Според поставеноста на работите клучот за отворањето на спортските сали во Прилеп е кај Владата. Кога и дали има желба да се случи тоа, останува да покаже времето. Спортистите децидни без сали нема ниту напредок ниту развој на спортот.