ВИДЕО – За едно полугодие околу 130 деца се отпишале од прилепските училишта поради заминување во странство


За неполна една недела во ООУ „Климент Охридски“ во Прилеп поради заминување во странство се отпишале 5 деца, од кои само 3 утринава. Од 1 септември до денес 22 или за 4,5 години од ова училиште се отпишале 113 ученици кои заминале надвор од Македонија.

„Зборува со сите родители, нормално некои пробувате да ги одвратите, но тоа е залудно. Има повеќе причини за иселувањето, но коренот е во недовербата на институциите, голема корупција, политичка нестабилност, желба за подобар животен стандард, проблеми во здравството, во образованието. Едноставно родителите не гледаат перспектива тука за нивните деца“, вели Ахил Јаков, директор на ООУ „Климент Охридски“ – Прилеп.

Бројките се уште попоразителни на ниво на Општина Прилеп. Од почетокот на школската година до денес од 10 основни и 5 средни училишта поради заминување во странство се отпишале околу 130 ученици.

„По разни основи е иселувањето, не мора секогаш тоа да биде финансискиот дел. Најчесто иселувањето е поради подобар живот, а во тој подобар живот не значи дека секогаш е само финансискиот дел. Кога родителитте се одлучиле да заминатт со своиитте најмили верувам дека таа одлука е тешка, а верувам дека на таа одлука претстојат многу проблеми со кои тие се соочуваат во нашето општество“, додаде Гоце Бумбароски, одделенски наставник во ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп и службеник за млади во Општина Прилеп.

Според наставниците државата мора итно да работи на сите проблеми од кои произлегува масовната миграција, а една од причините било и немањето на стратегија за тоа какви кадри му се потребни на нашиот пазар на труд.

„Во моментов во Прилеп за вработување чекаат околу 400 наставници одделенска настава, а од друга страна дијаметрално спротивно немаме наставници по математика, биологија, хемија, географија, техничко, а ваму е пренатрупано, тука јас мислам дека е проблемот: Несоодветно се пуштаат кадри во државата, особено во образованието“, истакна Ахил Јаков, директор на ООУ „Климент Охридски“ – Прилеп.

 

„Ова е една состојба која треба да не замисли сите нас возрасните, затоа што ние ги создаваме политиките и ги креираме условите во кои што нашите деца и ученици треба да растат, да се образуваат и да живеат“, потенцираше Гоце Бумбароски, одделенски наставник во ООУ „Кочо Рацин“ – Прилеп и службеник за млади во Општина Прилеп.

Доколку продолжи овој катастрофален тренд Македонија во иднина со сигурност ќе се остане држава на старци.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи