Правата на македонското малцинство кое живее во соседните држави ниту од далеку ги нема основните човекови права и правата кои ги гарантира Европската унија, а дел од државите кои ги кршат овие прават се членки на ЕУ. Ова беше главната тема на годинешниот Семакедонски собир во Прилеп, во организација на граѓанската асоцијација „НЕ-ИМА“ на кој доаѓаат Македонците од соседството по повод 151 година од раѓањето на Гоце Делчев.
„Ние не бараме ништо ново туку сакаме тие европски права да важат и за Македонците по род во соседните земји околу Македонија. Имаме декларации за суд за човекови права, имаме пресуди од Стразбур, но сето тоа е ирелевантно за членка на ЕУ. Европските права се и за нас и Македонците по род соседството имаат право да зборуваат на сопствен Македонски јазик, да учат на мајчин јазик. Тоа се тие права, тие европски вредности кои изминативе 30 години се наголемо кажувани и се стремиме кон таа Европа. Но за жал сите тие права ние не ги добиваме“, истакна Илија Богатински, претседател на граѓанска асоцијација „НЕ-ИМА“.
Иако на средбата требаше да присуствуваат и Македонците од ОМО ИЛИДЕН од Бугарија не дојдоа поради одредени пречки на границата, па на средбата се вклучија онлајн. Освен од Бугарија разочарани биле и од Македонија поради тоа што не добивале никаква помош.
„Сакаме во Бугарија да се изучува Македонски јазик, да има Македонска телевизија, но нема ниту одговор ниту ништо. До Омбудсманот на Бугарија се обраќаме, тој ни одговори, јас ја следам ситуацијата кога ќе треба ќе ви одговорам. Се обраќавме до Македонија, но нии таа не презема ништо да не заштити. Нема каде да се обраќаме и се обративме до Стразбур. Само од таму имаме 17 пресуди против Бугарија, но Бугарија не исполнува ништо“, рече Кирил Тилев, претседател на ОМО ИЛИНДЕН.
Во Албанија пак најголем проблем била агресивната бугарска политика за асимилација на Македонците кои живеат таму.
„Во Албанија во сите пописи до сега нема ниту едно лице досега изјаснето за Бугарин. Албанија беше приморана под притисок, без ниту еден критериум, да признае постоење на бугарско малцинство, под закана за вето од Бугарија на нејзниот пат кон ЕУ. И во изминатите години имаме една агресивна кампања. Бугарските власти водат дијалог на високо ниво со албанските власти за асимилација на македонското малцинство. Треба да биди поактивна македонската дипломатија и на терен и кај Македонците во Албанија да не го остава празен просторот, затоа што простор се пополнува од страна на Бугарите“, рече Васил Стерјоски, претседател на Македонска алијанса за европска интеграција.
Позитивен пример е со македонското малцинство во Хрватска, каде тоа ги ужива сите права.
„И ги имаат истите права како хрватските државјани, да бидат вработени секаде, да бидат избирани секаде и имаат право на финансирање на своите активности, за задржување на своите културни активности и својот идентитет. На Македонците во Хрватска им припаѓаат околу 130.000 евра за културните манифестации, книги списанија и сето тоа што им помага да го задржат својот национален идентитет“, кажа Ангел Митривски, претседател на македонското здружение „Стоби“ од Сплит.
Од граѓанска асоцијација „НЕ-ИМА“ се надеваат дека сите овие апели ќе стигнат до надлежните институции во ЕУ кои ќе помогнат во остварувањето на прават ма Македонците во соседството.