ВИДЕО – Кои институции ги чуваат своите податоци во ИКТ центарот во Прилеп, дали помеѓу нив е и ФЗО?


„Центар за опоравување од катастрофи и обезбедување на континуитет со работата“ или скратено ИКТ центарот во Прилеп кој е под надлежност на МВР функционира уште од 2020 година и во него се чуваат податоци од неколку институции, истакна денеска од МВР за Сител. Но од Министертсвото за внатрешни не сакаа да коментираат кои институции ги чуваат таму своите податоци и дали помеѓу нив се наоѓа и најголемата база на податоци односно податоците од Фондот за здравствено осигурување чиј систем е хакиран, а за враќање на податоците хакерите бараат откуп.

До овој момент не добивме одговор од Фондот дали оваа институција има бекап на своите податоци во ИКТ центарот во Прилеп.

Инаку изградбата на овој центар според податоците на МВР од 2019 година требаше да чини околку 11 милиони евра, пари обезбедени од ЕУ, преку ИПА програмата. Неговата намена беше во него да се чуваат податоците на сите државни институции кои тука би биле заштитени од земјотреси, поплави или други катастрофи кои би се случиле по природен пат или би биле предизвикани од човечки фактор, како што е последниот случај со податоците на ФЗО.

Во обид да ја смири ситуацијата Фондот за здравствено осигурување ги демантираше наводите дека податоците на граѓаните се украдени и уверува дека здравствените и личните податоци на граѓаните биле целосно безбедни. Со помош на тим од локални и странски експерти се работело на рестартирање на системот со цел негово враќање во првобитната форма.

Според познавачите пак на приликите и ИТ технологијата, без плаќање на бараниот откуп речиси е невозможно да се пробијат кодовите за деблокада на податоците. Но, доколку имало бекап односно резеврна заштита на податоците тие би можело да се вратат за 2 дена, а не да се чека толку долго.

Овој последен хакерски напад на системот на една државна установа го отвора прашањето колку податоците на граѓаните се сигурни во овие институции, каков систем на заштита се користи и она најважното, зошто сите државни институции немаат свој бекап во центарот во Прилеп кој е изграден токму за ваква намена.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи